1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија и Франција се спасија од санкциите на ЕУ

25 ноември 2003
https://p.dw.com/p/AeSc
Европа е на проба и на финансиски план. Компромисот постигнат меѓу министрите за финансии на евро-групата околу преголемиот буџетски дефицит на Германија и Франција, може да предизвика невидена криза на Пактот за финансиска стабилност. Министрите имено по деветчасовни преговори ноќеска сепак се решија да ја запрат постапката што Европската комисија ја поведе против Германија и Франција поради пречекорувањето на дозволената граница од 3% за државниот дефицит. Со оглед дека на Германија ова и' е трета година по ред, според европските договори би требало да и' се наметнат дополнителни мерки на штедење. "Ова не е во согласност ни со духот, ниту пак со оредбите од Пактот за финансиска стабилност" - изјави рано утронава надлежниот евро-комесар Падро Солбес. Тој во улогата на чувар на Пактот најави дека ќе разгледа и евентуални чекори против одлуката на министрите за финансии од евро-групата, кои допрва денеска треба формално да минат и на официјалниот Совет на министрите. Меѓу чекорите може да дојде предвид дури и постапка пред Европскиот суд. Министрите од евро-групата ги отфрлија на седницата мерките на дополнително штедење што ги предложи Европската комисија, но затоа ги задржаа барањата Германија и Франција од 2.005-та да мораат да се вратат на зацртаните 3% буџетски дефицит. Германскиот министер за финансии Ханс Ајхел по разговорите изјави дека заклучокот на министрите е согласност со неговите планови за штедење, со кои дефицитот ќе треба да се намали за 0,6% во 2.004. и 0,5% во 2.005-та година. "Ова е компромис, за каков што се залагав. Тој претставува голем напор за Германија, но тоа е нашиот придонес за зачувување на заедништвото. Но, тој е исто така и реална основа" - оцени Ајхел и додаде дека доколку германското стопанство забележи поголем раст, како што тоа го предвидува Европската комисија, тогаш дополнителните средства секако ќе биодат употребени за санирање на буџетот. Германската опозиција вчера побара од министерот за финансии да ги прифати мерките што ги пропишува Европската комисија, на што Ајхел возврати: "Ние можевме веќе да се наоѓаме во многу подобра финансиска ситуација, доколку опозицијата не ги отфрлеше законите за скусување на даночните олеснувања, што ги поднесов пред една година."