1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија и Македонија одат на победа

15 октомври 2008

Вечерва (16.10.2008) на програмата се натпреварите во рамки на кваклификациите за СП во Јужна Африка во 2010-та. Германија е домаќин на традиционално незгодниот Велс. Македонија му гостува на Исланд.

https://p.dw.com/p/FZbv
Михаел БалакФотографија: AP

Германскиот репрезентативен селектор, Јоахим Лев, воочи вечерашниот дуел против Велс, во рамки на квалификациите за светското првенство, е загрижен поради можноста за отсуство на капитенот Михаел Балак. 32 годишниот креатор на играта на репрезентацијата, во саботата, во дуелот против Русија, во Дортмунд, заработил незгоден удар во долниот дел на десната потколеница, поради што отсуствуваше од тренинзите.

Менаџерот на репрезентацијата, Оливер Бирхоф, изјави дека ситуацијата со Балак постојано се следи и сите се во очекување на негова реакција. Засега, Бирхоф не сака да прогнозира ништо: „Историјата покажа дека токму во дуелите против Велс, постојано сме соочени со тешка борба. Со нив никогаш не е лесно. Се разбира дека сакаме да настапиме со најдобрата формација, но исто така е јасно, дека сакаме да настапиме само со еден стопроцентно подготвен капитен. Ова го зборувам пред се` заради важноста на здравјето на Балак во текот на сезоната, но и дека против Велс ќе ни биде потребен максимален учинок“, изјави Бирхоф.

Инаку, според најавите, селекторот Лев вечерва ќе настапи со истиот состав од дуелот против Русија. Голманот Реде Адлер, по одличното деби во саботата, повторно ќе добие шанса пред Тим Визе. Како евентуална замена за местото на Балак, во игра се Торстен Фрингс и Симон Ролфес.

Традицијата на страна на Велс

Инаку, репрезентацијата на Велс, која по 50 годишна пауза сака повторно да обезбеди пласман на мундијалот, во Менхенгладбах патува со желба да обезбеди реми и тоа по можност без примен гол, идентично како епилогот на минатогодишниот дуел на овие две репрезентации во Франкфурт. Ова го соопшти селекторот, Џон Тошак. Дека станува збор за незгоден противник на Германија, покажува и меѓусебниот скор од досегашните квалификациски дуели. Во три натпревари, Велс има една победа и два нерешени резултата.

Македонија сака победа

На добар резултат вечерва се надева и македонската фудбалска репрезентација, која во Рејкјавик му гостува на Исланд. Избраниците на селекторот Среќко Катанец, најавија лов на трите бодови, кои ќе го отворат патот кон врвот на табелата во групата. Од останатите вечерашни двојки, вниманието го привлекуваат дуелите меѓу Италија и Црна Гора, Норвешка и Холандија, Австрија и Србија, Белгија и Шпанија.