1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија и Кина - економски комплементарни, политички различни

Матијас фон Хајн / Александар Методијев30 август 2012

Од минатата година се одржува форум на високо ниво меѓу Германија и Кина наречен Германско-кинески владини консултации. Втората рунда почнува денеска (30.08.2012) во Пекинг.

https://p.dw.com/p/15zRC
Фотографија: dapd

Во 40-те години дипломатски односи меѓу Германија и Кина заедничката соработа беше многу блиска. Највидлив израз на овие блиски врски се Германско-кинеските владини консултации. Сојузната влада одржува така блиски врски само со уште шест други земји, сите членки на ЕУ. Втората рунда владини консултации е закажана за денеска во Пекинг, каде канцеларката Ангела Меркел ќе биде придружувана од седуммина министри. На првата рунда, во јуни минатата година, кинескиот премиер пристигна во Берлин со поголема придружба.

„Првпат е да бидам придружуван на некое патување од 13-мина министри. Ние потпишавме 20 договори за соработка и трговски договори во вредност од повеќе од 15 милијарди долари“, изјави тогаш Вен Џиабао.

Тоа што кинескиот премиер ги нагласи економските договори не е случајност. За Кина Европа е најзначајниот трговски партнер во светот. За Германија, пак, Кина е петтиот најголем трговски партнер и вториот најголем надвор од Европа, по САД. Зголемениот извоз на производите од германската машинска и автомобилска индустрија кон Кина во одредена мера го пополни падот од продажбата во погодените со криза европски земји.

„Двете земји се комплементарни. Тоа значи дека Германија испорачува работи кои и’ требаат на Кина. А, Кина испорачува работи кои и’ требаат на Германија“, објаснува експертот за Кина Себастијан Хајлман.

Deutschland Merkel Peking China
Канцеларката Ангела Меркел го посети Пекинг и во февруари годинава, кога се сретна со кинескиот премиер Вен ЏиабаоФотографија: picture-alliance/dpa

И германската канцеларка Ангела Меркел со задоволство зборува за економската размена и за кинеските инвестиции во Германија.

„Соработката е на широка основа. Од научна до економска соработка, од дијалогот за унапредување на правната држава до прашања за земјоделска соработка – во многу области ја имаме засилено нашата соработка. Една многу значајна тема секако дека е заштитата на животната средина поврзана со заштитата на климата и развојот на обновливите енергии“, објасни Меркел на крајот од јануари годинава во видео порака пред нејзината посета на Пекинг.

Но, ова заедништво не постои во сите политички области. Во надворешната политика Кина и Германија имаат различни погледи, на пример, како треба да се справат со граѓанската војна во Сирија или, пак, иранската нуклеарна програма. На последните меѓувладини консултации Меркел се заложи за дисидентите и странските новинари.

Symbolbild China Handel Containerschiff
За Германија Кина е петтиот најголем трговски партнерФотографија: dapd

„Фактот дека има ваков форум е значаен и во Кина ќе биде прифатен со сигурност како позитивен. Тоа секако не значи дека би можело сите проблеми да се отстранат преку воведувањето на вакви форуми. Но, има форум на врвно ниво во рамките на кој им се пристапува на проблемите и веројатно, порано или подоцна, тоа ќе доведе до решение“, смета политикологот Еберхард Зандшнајдер.

Всушност, од новата рунда на меѓувладини консултации не би требало да се очекувааат многу конкретни резултати. Кинеската владејачка комунистичка партија е пред промена на раководството. Пекинг првенствено е насочен кон разјаснување на наследникот на лидерската позиција. Зандшнајдер смета дека кога тоа ќе заврши ќе можат да се очекуваат нови иницијативи од Пекинг.