Германија и Кина ги врзува - економијата
22 април 2012Кога канцеларката Ангела Меркел ќе се сретне со кинескиот премиер Вен Џиабао, тоа ќе биде речиси како средба на стари познаници. Двајцата политичари се познаваат со години. Ангела Меркел ја посети Кина на почетокот на годинава, пред која ги пофали односите меѓу двете земји. Тие годинава полнат 40 години. „Соработката е поставена на широка основа: од наука, преку економска соработка, дијалог за правна држава, се‘ до прашањата на соработка во сферата на земјоделството. Во многу сфери ја засиливме нашата сорботка“, рече германската канцеларка.
Над 30 механизми за дијалог
Постојат над триесет механизми за дијалог. Многу од нив се одвиваат на високо владино ниво - меѓу надлежните министри, државни секретари и раководители на владини институции. Меѓусебните посети се бројни. Истото важи и околу размената на стоки. Германија е најважниот трговски партнер на Кина во Европа. Кина е најважниот трговски партнер на Германија во Азија. И програмата на посетата на киенскиот премиер на саемот во Хановер и фабриката на Фолксваген во Волфсбург укажуваат дека германско-кинеските односи се состојат пред се‘ од едно - економија. Политикологот Себастијан Хајлман од Триер потврдува дека значењето на економските односи е огромно: „Се‘ друго следи помалку или повеќе по економските односи.“
Стратешко партнерство
Од 2004 година двете држави имаат, како што со владиниот жаргон се нарекува, „стратешко партнерство во глобалната одговорност“. Дури и тука, според проценките на Хајлман, значењето е пред се‘ економско: „По многу економски прашања, како регулација на финансиските пазари, борба против инфлацијата, улогата на државниот дефицит, има многу широки пазарнополитички, макроеекономски заеднички работи во германските и кинеските ставови.“
За жал, овие заеднички интереси не доаѓат сосема до израз во напорите за спас на еврото. За време на нејзината посета на Пекинг, на почетокот на февруари, Ангела Меркел од Вен Џиабао не доби конкретни ветувања за кинеска помош, а наместо тоа доби укажување дека прво треба да реагираат Европејците. „Основата и клучот на справување со должничката криза се сопствените напори на Европа“, објасни кинескиот премиер.
Политикологот Хајлман во кинеската воздржаност за директно купување европски државни обврзници гледа јасна стратегија, зашто Кина е подготвена да се ангажира за спас за еврото, но преку ММФ. За тоа Пекинг има цена: „Мултилатерална помош преку ММФ да, но под услов Кина да има поголемо право на глас, повеќе влијание при доделуавњето и контролата на ваквите програми“, објаснува Хајлман.
Меркел и Вен сигурно ќе разменат мислења и за Иран и Сирија. И во тој дел има заеднички нешта. Тие се ограничуваат додуша на една точка - да се избегне воен судир по секоја цена.