1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија има суфицит во јавните финансии

БГ/миа23 август 2012

Позитивен биланс од 8,3 милијарди евра е забележан во германските јавни финансии во првите шест месеци од годинава. Со тоа е покриен дефицитот во регионалните и општински каси.

https://p.dw.com/p/15vIw
Фотографија: picture alliance/dpa

Германските јавни финансии се вратија во позитива во првите шест месеци од годинава, и покрај последиците од кризата во еврозоната кои ги чувствува и најголемата европска економија. Сојузниот завод за статистика соопшти дека до јуни годинава, јавните финансии во Германија забележале позитива од 8,3 милијарди евра, што е околу 0,6 проценти од брутодомашниот производ.

Сепак, големата позитива во државната каса се должи пред се’ на помалите трошоци за социјалните каси, поради постојаниот раст на вработеноста, со што е забележан суфицит од повеќе од 11 милијарди евра. Позитивата во овој сектор далеку го надминува дефицитот од 3,3 милијарди евра кој го бележат сојузните, регионалните и општинските буџети.

Проценка на експертите е дека Германија успева да ја преброди големата должничка криза во еврозоната, каде голем број земји се веќе западнати или се на работ на рецесија, пред се’, благодарение на длабоките структурни реформи, кои беа изведени во земјата пред повеќе години од страна на претходната влада.

Со оглед на поволната економска состојба во Германија, државните приходи во првите шест месеци се зголемиле за 2,9 проценти, а потрошувачката за само 0,8 отсто.