Германија за сигурно прво место, Македонија за одржување на шансите
12 октомври 2010На германската репрезентација денеска (12.10.10) и е потребна победа во Астана, против Казахстан за лесно освојување на групата. Казахстан се наоѓа на претпоследното место, бeз бодови, но со подобра гол разлика од Азербејџан. Дури и нерешениот резултат ќе биде големо разочарување, истакнува германскиот селектор Јоаким Лев, но предупредува дека противникот не треба се потцени: „Овој тим на Казахстан е многу подобар од националниот тим на Азербејџан. Имаат многу квалитетни фудбалери, и затоа ние ќе бидеме подготвени.“
Македонија се надева на поволен исход
По победата против Андора, репрезентацијата на Македонија денеска игра против силната Русија, во четвртото кавалификациско коло. Ова ќе биде клучен натпревар за одржување на шансите за пласман на Европското првенство. Русија на претходниот натпревар славеше во Даблин против Република Ирска со 3:2. Во квалификациите за претходното Европско првенство Русите беа подобри од Македонија и во Скопје и во Москва. Македонија ќе настапи без повредените Пандев, Попов и Тасевски. Сепак македонскиот репрезентативец Николче Новески се надева на позитивен резултат: „Се надевам дека ќе играме добро, ќе го дадеме својот максимум, и со една таква игра имаме доста шанси.“
Во групата Б, каде игра Македонија, вечерва Република Ирска и гостува на Словачка, а Ерменија ја пречекува Андора. Ова е последно квалификациско коло за оваа година. Следното е во март следната година во кое Македонија ќе игра против Република Ирска во Даблин.
Автор: Владимир Калински
Редактор: Александра Трајковска