1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија е се‘ поатрактивна за доселување

Сабине Кинкарц / Елизабета М. Фиданоска13 јуни 2013

Во Германија во 2011 година се доселиле речиси 300.000 луѓе, или една третина повеќе од годината претходно. Тоа за Германија е добро, оценува ОЕЦД во најновиот извештај за миграција.

https://p.dw.com/p/18osS
Фотографија: picture-alliance/dpa

Луѓето кои што ја напуштаат татковината и заминуваат во странство во потрага по подобар живот, се‘ почесто за своја дестинација ја одбираат Германија. Во 2011 година во Германија трајно се доселиле 68.000 луѓе повеќе отколку во 2010-та, или најмногу од сите други индустриски земји. Овие податоци произлегуваат од извештајот за миграција на Организацијата за економска соработка и развој, претставен денеска во Брисел и Берлин.

Вкупно, во државите на ОЕЦД, во 2011 година се доселиле речиси четири милиони луѓе, што претставува плус од два процента. Од луѓето кои мигрирале во 2011 година, 275.000 се од земјите на ЕУ во криза. Од нив, една третина заминале за Велика Британија, а во Германија се доселиле 78.000 Јужноевропејци.

„Владите мора да сторат се‘ за да ги подобрат шансите на мигрантите на пазарот на работна сила“, изјави генералниот секретар на ОЕЦД Анхел Гуриа при претставувањето на извештајот и прогнозите за миграција.

Deutschland Grenze Schild
Германија е посакувана дестинацијаФотографија: picture-alliance/dpa

Додека во ОЕЦД, исто како и порано, секој втор мигрант е без работа подолго од 12 месеци, бројот на вработени мигранти во Германија од 2008 до 2012 година е зголемен за 5 проценти. Тоа, според Томас Либиг од Одделот за интернационална миграција на ОЕЦД, се должи пред се‘ на промените во европското и германското право. Тој нагласува дека многу работи се придвижени со воведувањето на сината карта на ЕУ.

Од бројките за 2012 година, кои се‘ уште не се дефинитивно утврдени, се гледа дека и натаму се зголемува бројот на доселеници од Грција и Шпанија. Во периодот меѓу 2007 и 2011 година, доселувањето од Грција е зголемено за 73%, а од Шпанија за речиси 50%. Статистиката меѓутоа покажува и дека многу мигранти од овие земји брзо и‘ го вртат грбот на Германија. Само секој втор Грк и секој трет Шпанец во изминатиот период останале во Германија подолго од една година.

OECD Logo
Во земјите на ОЕЦД во 2011 година се доселиле речиси 4 милиони луѓеФотографија: Jean AyissiI/AFP/Getty Images

„Не е проблем интересот за Германија, туку проблем е јазикот“, вели Либиг. Најголемиот дел работодавбачи од мигрантите бараат познавање на германскиот јазик. „Ова се наведува секогаш, јазикот е поважен од секоја универзитетска диплома и секаква професионална квалификација“, објаснува експертот за миграција.

Затоа мора многу да се инвестира во наставата по германски јазик. И покрај направените чекори напред, Германија се‘ уште потфрла на ова поле. Гете-институтите, на пример, дури во 2011 година добија мандат да нудат јазични курсеви специфични за доселениците. Второто барање на ОЕЦД се однесува на темата дискриминација. Еден мигрант во Германија, имено, се‘ уште мора да конкурира двојно повеќе за да најде работа. Прогнозите на ОЕЦД покажуваат колку може да биде голема ползата од доселениците. Нето приходите на државата во време на економска криза може да се зголемат за околу 0,3% ако луѓето со германски и странски корени бидат еднакво третирани на пазарот на работна сила.