Германија е светски првак во извоз во 2004
16 февруари 2005Е, па убаво: Германија повторно е светски првак во извоз. Според тоа светот е О.К. “Мејд ин Џермани“ се бара во странство како никогаш порано, иако тоа не е баш точно зашто 40 насто од полупроизводите доаѓаат од странство. Сепак тоа е странична појава. Многу поважно е прашањето колку вреди една таква титула. “Од онаа страна на Рајна извозот е на највисоко ниво, а вработеноста на најниско“ напиша францускиот весник “Л’Трибин“ и со право прашува дали тоа не е парадокс.
На прв поглед е така, но противречноста меѓу достигањата и вработувањето може да се објасни. Во празните со луѓе, чисти фабрички хали, процесите се оптимирани и управувани од компјутери кои произведуваат прекрасни стоки, а сепак има се помалку луѓе кои имаат работа и приходи за да ги купуваат тие прекрасни нешта. Техничкиот напредок и порастот на производството ги уништуваат старите професии, но создаваат подеднакво толку нови, барем така мислевме и со децении бевме мирни. Меѓутоа, ова правило очигледно веќе не важи. Техничкиот напредок и порастот на производството во меѓувреме достигнаа таков квалитет, што веќе не е потребна човечката работна рака. Во САД и Велика Британија оваа вистина се прикрива козметички. Се охрабруваат потрошувачите да се задолжат преку уши. Купувај, купувај, купувај – побарувачката мора да е добра, инаку фирмите веќе нема да инвестираат и ќе се наруши циклусот на конјунктурата.
Германците не обрнуваат внимание на ваквата козметика. Тие штедат. Тие се оптоварени од стравот од иднината и од стравот од загуба на работното место. Германците се светски прваци во извозот и имаат пет милиони невработени. И штедат. Стапката на заштеди е зголемена за 10,9 насто, најмногу во последните 20 години. Дали е тогаш чудно што приватната потрошувачка не сака да порасне? Како и да е, на крајот пародоксот не е парадокс. Парадокс е тоа што во Германија и покрај јасните симптоми се проповеда сосема погрешна терапија: работи подолго и биди задоволен со помалку пари. Титулата светски првак ќе ја покрие прав, а проблемите на вработените не!