1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија ги помагала САД во војната во Ирак?

Марсел Фирстенау6 декември 2008

И покрај тоа што Берлин одби воено да учествува во интервенцијата во Ирак, предводена од САД, парламентарната истражна комисија проверува дали германските тајни служби сепак ги помагале Американците.

https://p.dw.com/p/G9kb
БНД наводно на САД им давала координати за цели во ИракФотографија: AP

Дали некој и на кој начин учествувал во војна е прашање на толкување на фактите. Но, факт е дека поранешниот германски канцелар Герхард Шредер одби директно учество во воената интервенција во Ирак, под раководство на САД. Сепак тогашната влада, им дозволи на сојузниците од НАТО право на прелет и транспорт на трупите низ земјата. Исто така се знае дека двајца германски разузнавачи за време на војната собираа информации во Багдад, од кои дел им се испратени и на Американците. Меѓу нив имало и координати за цивилни и воени објекти.

Ханинг: САД не добиваа важни воени информации

На САД не им беа дадени никакви важни информации кои би ги користеле за воените дејствија, тврдеше поранешниот шеф на тајната служба БНД, Аугуст Ханинг на отворената седница на парламентарната истражна комисија. Тоа беа само избалансирани информации, рече Ханинг кој во меѓувреме е државен секретар во министерството за внатрешни работи. Од изјавите на Ханинг, претставникот на СПД, Михаел Хартман заклучи: Германија на никаков начин не учествувала во војната во Ирак.

August Hanning BND
Аугуст ХанингФотографија: AP

„САД во Ирак исто така имаа свои агенти. Нашите односи со Вашингтон во тоа време беа нарушени, така што сигурно не го планирале и извршиле воздушниот напад само врз основа на информациите на двајца германски агенти. Тоа е апсурдно и од воена и од политичка гледна точка.“

Опозицијата критикува

Претставниците на опозицијата имаат поинакво толкување на изјавите на Ханинг. Либералот Макс Штадлер, обвинува дека меѓу другото, на Американците им се дадени и координати за тоа каде се стационирани војниците од Републиканската гарда - елитните единици на ирачкиот диктатор Садам Хусеин.

„На тие што ја водат војната, сигурно им било во интерес да знаат, дали бомбардираната цел е погодена или не. Вакви информации се пренесувани, а тоа е индиректно вмешување во воените дејствија“, вели Штадлер.

Ќе сведочи и Штајнмаер

Според тајната служба и владата, сите информации од агентите биле пренесувани во германската централа на БНД. Оттаму било одлучувано, кои податоци да им се пренесат и на агентите за врска во американската база во Катар. Ваквата процедура била усмен договор, тврди поранешниот шеф на БНД, Ханинг. Дел од сведоците пак тврдеа дека немале поим за ваквата постапка.

Aussenminister Frank-Walter Steinmeier dem BND-Untersuchungsausschuss
Шефот на германската дипломатија Штајнмаер треба да ја каже својата вистина за настанитеФотографија: AP

На политичко ниво, за време на ирачката војна актуелниот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмаер беше важен владин контакт со БНД. Овој социјалдемократ во тоа време беше шеф на кабинетот на канцеларот, што значи и надлежен за тајните служби. Поранешниот шеф на БНД, Ханинг тврди дека со Штајнмаер е разговарано за предавање на коориднатите за цели кои не треба да се бомбардираат во Ирак. Штајнмаер на 18 декември треба да се изјасни пред парламентарната комисија.