1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија ги отфрлa грчките барања за репарации

БГ/миа11 април 2013

Грчки експерти подготвија извештај во кој се тврди дека земјата треба да добие преку 160 милијарди евра репарации од Германија за окупацијата во Втората светска војна. Берлин ги отфрла барањата.

https://p.dw.com/p/18EBT
Фотографија: picture-alliance/akg-images

Берлин ги отфрли барањата на Грција за исплата на репарации за штетите направени за време на Втората светска војна. Германскиот министер за  финансии Волфганг Шојбле во интервју за „Ноје Ознабрукер Цајтунг“ истакна дека грчкиот народ не треба да се движи во погрешна насока, додавајќи дека прашањето за исплата на репарации од Германија е јасно и оти нема „никаква надеж“ за таквите претензии.

„Патот на реформите е долг, Грците не треба да бидат дезориентирани. Грција до моментот постигна многу, но има уште многу од патот. И тој пат не треба да се пренасочува“, посочи Шојбле. Шефот на грчката дипломатија Димитрис Аврамопулос веднаш регаираше на изјавата на Шојбле, нагласувајќи дека без оглед дали прашањето е јасно или не, тоа ќе биде решено од меѓународното правосудство. Аврамопулос посочи дека не треба да се поврзуваат реформите во Грција со прашањето за германските репарации.

„Прашањето за германските репарации како последица од Втората светска војна, со кое Грција подолго време се занимава е прашање со историски, хуманитарни, државни и правни параметри, истакна  Аврамопулос.

Грчки експерти утврдиле дека долгот на Германија кон Грција од Втората светска војна изнесува 162 милијарди евра, од кои 108 милијарди евра за изградба на разурнатата инфраструктура и 54 милијарди евра окупациски кредит, што грчката влада била принудена да го даде во периодот од 1942 до 1944 година. Вкупната сума од 162 милијарди евра е еднаква на 80 проценти од сегашниот брутодомашен производ на Грција, и ако тие средства бидат исплатени ќе се покрие поголем дел од државниот долг на земјата.

Грчки експерти подготвиле извештај, според кој се наведува дека Грција не добила компензации ниту за окупацискиот кредит, ниту пак за злосторствата направени кон нејзиниот народ за време на нацистичката окупација на земјата. Извештајот е заснован на 761 том архивски материјал - договори, законски акти и судска решенија.