1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија: вето за несакан странски капитал

З. Ј.21 август 2008

Германија се брани од навлегување странски капитал во стратегиски стопански сектори, ако доаѓа од несакани страни. Стопанството не е воодушевено од намерата политиката да го ограничува влегувањето на странски инвеститори

https://p.dw.com/p/F2Hv
Фотографија: DW-TV

Германската влада создаде правна рамка да може да спречи несакани фирми од странство да купат повеќе од 25 проценти во германски претпријатија од стратегиски сектори. Владата не сака генерално да забрани странско учество од над една четвртина, а можните ограничувања се однесуваат само за инвеститори надвор од ЕУ, Исланд, Лихтенштајн, Швајцарија и Норвешка. Но, владата си задржува право на вето во одредени ситуации.

„Нужно е фактичко и доволно тешко загрозување на основни интереси на општеството. Кај инвестиции во поединечни претпријатија, сметам дека е тоа замисливо само во сосем екстремни исклучоци“, образложи министерот за стопанство Михаел Глос. Тој не дефинира кои се тие фундаментални интереси. Но, се смета дека владата сака да спречи, преку учество во германски претпријатија од енергетиката или телекомуникациите на силни државни фондови од Кина, Русија или арапските држави богати со нафта, тие земји да можат овде да добијат и политичко влијание.

Критики од индустријата, приговори од експерти

Експерти приговараат дека потегот на владата не придонесува за правната сигурност за инвеститорите, а од Здружението на германската индустрија критикуваат: „Странците ни се потребни, тие мора да инвестираат во Германија. Тие веќе создадоа 2 милиона работни места, а ние, германската индустрија, не можеме сами да ги направиме неопходните инвестиции за создавање на натамошни работни места“, вели Јирген Туман, претседател на Здружението на германската индустрија.