1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија бара сигнал од ЕУ за Македонија

Силвера Падори-Кленке6 ноември 2012

Вицепремиерката Теута Арифи ги запозна соговорниците од Берлин за македонскиот ангажман во насока на ЕУ. Јохан Вадефул (ЦДУ-ЦСУ) гледа позитивно во односите со Грција и бара јасен сигнал од ЕУ за Македонија и регионот!

https://p.dw.com/p/16daw
nФотографија: DW

Отворен и конструктивен разговор за европската перспектива на Македонија, за проблемите кои го кочат стартот на пристапниот процес, но и за напорите на земјата да го разреши деценискиот спор околу името со Грција. Ваков тон претпладнево имаа разговорите на вицепремиерката Теута Арифи со партнерите од германската престолнина. Таа ја искористи можноста да го информира Николас Мејер Ландрут, директор на одделот за Европа во германската влада за исполнетите обврски од патоказот на разговорите на високо ниво меѓу Македонија и ЕУ, но и за подготвениот втор акционен план.
„Имајќи предвид дека земјите членки на ЕУ во декември ќе одлучуваат за начинот на продолжувањето на овој процес, побарав Германија да застане на наша страна и да ја добиеме целокупната нејзина поддршка“, изјави за ДВ Теута Арифи, според која сатницата на посетата на Берлин е вистинска!

Teuta Arifi Politikerin Albanien
Теута АрифиФотографија: DW

Поддршка од Германија

Задоволство од средбата искажа и пратеникот Јохан Вадефул (ЦДУ-ЦСУ) според кого разговорот со Арифи придонел разбирањето за Македонија да биде уште поголемо.
На прашање на ДВ дали Македонија може да смета и во декември на германската поддршка Вадефул вели дека Германија веќе подолго смета дека балканските земји и Македонија треба да се дел од ЕУ, подвлекувајќи:
„Сметам дека пристапните пореговори може да започнат. Комисијата тоа јасно го искажа и по овие зборови сега треба да следат дела. Во однос на спорот со името сметаме дека ќе дојде до една спогодба меѓу Македонија и Грција. Најдобро би било решение да има пред почетокот на преговорите и во секој случај што поскоро, зашто решението на името е предуслов за членство во ЕУ“.
Според Вадефул, ЕУ треба да испрати јасен сигнал на Македонија но и на целиот регион , а тоа значи дека преговорите треба да започнат. Дали во #декември или напролет е дополнително прашање. Во секој случај првата половина од 2013 треба да се искористи!, смета Јохан Вадефул.
За проблемите кои последниве месеци и недели се појавуваат и од бугарска страна Вадефул изрази надеж дека нема да се голема опасност за Македонија. Според него работите треба да се расчистат меѓу Македонија и Бугарија.
„Ние не сме судии, ниту учители. Заедничките конфликти, заедничката историја треба и заеднички да се одработат. И ние Германците моравме од овој аспект многу да учиме и тоа се уште го правиме. Значи мора Македонија и соседните земји тоа да го совладаат. Мој впечаток е дека во меѓувреме има позитивен развој со Грција и зошто сега би искрснале нови проблеми? Мнозинството од земјите членки на ЕУ се за тоа да се оди понатаму и преговорите да започнат. Овие сигнали, ова мислење на мнозинството се слуша не само во Атина, туку и во Софија“, подвлече за ДВ Јохан Вадефул, пратеник од ЦДУ-ЦСУ во Бундестагот.

Johann Wadephul Abgeordneter Deutschland
Јохан ВадефулФотографија: DW