1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ген пченка - производ за иднината или хорор-растение?

М. Ерат/ Ж. Ацеска27 февруари 2014

Пченката со векови е основен прехранбен производ за луѓето и животните. Таа сега повторно е во фокусот на огорчен спор околу прашањето: до каде може да оди интервенцијата на науката во природата.

https://p.dw.com/p/1BBz2
Фотографија: picture-alliance/AP

Ставот на земјоделецот Јохан Швимер е јасен: тој отфрла генетски модифицирана пченка, како и мнозинството германски земјоделци. Швимер на своите крави им дава целосно природна дробена пченка. Ген-пченката како добиточна храна, според него, е голем ризик - за здравјето на кравите, но и финансиски.

„Ние не ги знаеме последиците за нашите животни, за млекото. Потрошувачот кај нас во Баварија, во Германија, всушност не сака да ги храниме животните со генетски променета сточна храна“.

Фармата на Јохан Швимер е во Баварија, пченката за кравите сам ја произведува. Тој стравува дека може да дојде до генетско мешање ако неговите соседи, на пример, смеат да одгледуваат ген-пченка, може да дојде до вкрстување со неговата.

„Ние земјоделците живееме од нашата земја, од почвата, на која сакаме да произведуваме здрави прехранбени средства или барем суровини за нив. Затоа ја отфрламе ген-пченката“.

Станува збор за пченка од сортата ТЦ 1507. Таа е производ на Пajонир Дипон, еден од најголемите светски понудувачи на семе и расад.

Посебноста на оваа пченка е нејзината отпорност, меѓу другото и кон едно средство против плевели. Тоа може да донесе повисоки приноси.

Пченката уште создава и отров против инсекти, посебно против ларвите на пеперутки, кои им наштетуваат на растенијата. Но, екологистите стравуваат од брзо настанување на резистентност, како и од штети врз други животни.

Можни се глобални несогледливи последици, вели екологистот Дирк Цимерман. Утрински протести на активистите. „Апсолутно НЕ за ген-пченка, госпоѓо Меркел!“ - оваа порака тие ја проектираат на ѕид во близина на владиниот кабинет. За нив е апсолутно недоволно воздржување на Германија при гласањето во ЕУ за дозвола за ген-пченка.

„Воздржувањето во ситуацијава не е никаква опција. Воздржаност значи ’да‘, Европската комисија тоа повторно недвосмислено го стави на знаење. Само германско ’не‘ за последица би имало ’не‘ за воведувањето ген-пченка,“ вели Цимерман.

Flash-Galerie Themen der Grünen Gentechnik
Фотографија: picture-alliance/chromorange

Европскиот завод за животни продукти, ЕФСА, ја провери генетски модифицираната пченка и даде зелено светло, па не го сфаќа возбудувањето.

Проценката на ЕФСА ја споделуваат и некои германски експерти, како Кристоф Тебе, молекуларен биолог од еден државен научен институт.

„ЕФСА од научен аспект исто така стигна до заклучок дека одгледувањето ген-пченка не претставува поголема закана отколку одгледувањето на домашната пченка, што е поврзано со примена на хемиски инсектициди“.

Про или контра ген-пченка - германската влада не сака јасно да се позиционира, а причината е дека таа нема единствен став. Министерката за наука Јохана Ванка е „за“ дозвола, нејзиниот досегашен колега од ресорот за земјоделство беше против.

Министерот Ханс-Петер Фридрих, кој во меѓувреме даде оставка, знаеше дека ген-пченката нема многу приврзеници во Германија.

„Се надевам дека преку одредба за изземање ќе успееме да спречиме одгледување ген-пченка во Германија, јас сум голем оптимист“.

Но, другата страна на медалот е дека новата ген-пченка 1507 одамна се преработува и користи за сточна храна во Европа, а и во Германија. Досега е забрането само одгледувањето.

Ако сега и тоа биде дозволено, стравува земјоделецот Швимер, генетски модифициран зеленчук брзо ќе стане нормална работа. Во корист на аграрната индустрија и лобистите, смета тој, но на штета на потрошувачите. Зашто, какво е долгорочно влијанието на ген-пченката врз луѓето и природата, не е познато, досега за тоа не постојат студии.