1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Генерација „Тест“

10 ноември 2009

Денешната генерација студенти е најмногу тестирана и најоценувана од сите досега. Сеедно дали се работи за факултет, стан, пракса или интернет, секаде се прават испити.

https://p.dw.com/p/KOzd
Фотографија: Bilderbox

Новоиздадената книга „Животот не е хиподром за пони: Непознатиот свет на матурантите“ од Лара Фриче ја обработува темата за постојаното тестирање на кое се изложени младите.

„Неговите денови се исти, се буди, го вклучува компјутерот и ги проверува новите огласи. Ако понудениот стан му звучи примамливо, веднаш се јавува. Техниката на Тим е едноставно генијална: ’Може веднаш да дојдам?’, прашува тој. Секогаш му успева. Во еден ден има термин да види три стана. Тим веќе слушна дека барањето соба е спор и напорен процес, исто како кога се пријавувате на некој елитен универзитет.“

Но Тим, кој треба да ги почне студиите е опуштен, исто како и неговите две другарки од училиште, Алекса и Софија. Уште откако беа примени во гимназијата во Келн, искусија како е да се пријавуваш, да те тестираат и оценуваат. Новинарката Лара Фриче една година ги следеше матурантките и нивниот клас. Така настана првата книга за „непознатиот свет на матурантите“.

Само да се избегнат грешки

Bonner Journalistin Lara Fritzsche
Лара ФричеФотографија: privat

„Оваа генерација израснала во 90-те години и ја сфаќа конкуренцијата како единствена продуктивна сила“, вели Лара Фриче. Во денешно време скоро половината од учениците во Германија полагаат матура. Пред 15 години матурираа само 33 проценти. „Политичарите се радуваат на новите тенденции во образованието, кои за младите луѓе значат само повеќе конкуренција“, објаснува Фриче.

Сепак студентите со хумор го прифаќаат маратонското пријавување за соба во студентски стан. Матурантите одговараа на најчудните прашања и психолошки тестови на нивните интернет блогови, за потоа да имаат со што да се шегуваат. Тие знаат дека студентите нема да ги распрашуваат само устно, туку мораат да пополнуваат формулари и да покажат свои фотографии.

Животот не е хиподром за пони

Junge Frauen mit Laptop
Фотографија: picture-alliance/ dpa

Сепак студентите кои живеат заедно треба потполно да си одговараат, за да избегнат проблеми и да заштедат време. Затоа е подобро да внимаваат при изборот на цимери и да не експериментираат. Матурантите гледаат на светот реалистично и промислено, соодветно на мотото на книгата „Животот не е хиподром за пони“. Тие не се како мали девојчиња кои обожуваат коњи.

Без разлика дали се работи за нивните студии, идната професија, стипендија или пак само за местото на студирање, учениците од генерацијата „Тест“ се извонредно информирани и редовно разменуваат мислења на социјалните онлајн страници како „Facebook“ или „Studi-VZ“. Фриче вели дека волшебните зборови на оваа генерација се ефикасност и контрола. Пред да одат на забава некои студенти се информираат онлајн за тоа кој ќе биде таму и однапред знаат со кого ќе се дружат. Според Фриче, денешните студенти ништо не оставаат на случајноста.

Безнадежно романтични кога е во прашање љубовта

Flash - Galerie Orchideenfächer in Deutschland Angewandte Sexualwissenschaft
Фотографија: picture-alliance/ ZB

Денешните матуранти се безнадежно романтични само во поглед на љубовта. „Сите веруваат во голема и незаменлива љубов“, раскажува новинарката и во својата книга пишува:

„Да ја доживеам вистинската љубов, но да останам флексибилен. Засекогаш. ’Помалку од тоа не прифаќам. Тогаш би се откажал од врската’, вели Јан. Да се откажеш? Од што? ’Од љубовта’, одговара брзо Јан. Тие саакаат да се преселат заедно за да создадат идеални услови. Така ќе биде полесно да се остварат себе си и да го организираат заедничкиот живот. И ако се‘ функционира, потоа следи наредниот чекор, деца.“

Но претходно треба да го поминат испитот, за заеднички стан, за да ги примат на факултет и за атрактивно работно место. Животот најпосле не е хиподром за пони.

Автор: Сабине Дамашке / Јасна Мушиќ - Јанчулева

Редактор: Александра Трајковска