Генерал Ален се откажува од функцијата во НАТО
20 февруари 2013Против генералот Џон Ален се водеше истрага поради сомнение за вмешаност во и-мејл аферата во врска со секс-скандалот околу поранешниот шеф на ЦИА Дејвид Петреус. Неговата номинација за раководната позиција во НАТО потоа беше замрзната. На крајот на јануари генерал Ален беше целосно растоварен од обвинувањата за вмешаност од страна на една истражна комисија.
И покрај ваквиот расплет, одлуката на Ален не е е сосема неочекувана. Минатата недела американските медиуми веќе шпекулираа околу оставката на Ален. Генералот побарал од министерот за одбрана Леон Панета и шефот на Генералштабот Мартин Демпси да му дадат време да донесе одлука. Ален најверојатно стравуваше дека Петреус-аферата повторно би се отворила при сослушувањето во Сенатот, потребно тој да биде потврден на функцијата. Ален за весникот „Вашингтон пост“ меѓутоа нагласи дека неговата одлука нема никаква поврзаност со аферата.
Американскиот претседател Барак Обама го одобри барањето на генералот Ален. Тој притоа појасни дека молбата на Ален за заминување во пензија била образложена со здравствени проблеми во неговото семејство. Обама, наведе дека генералот е еден од најдобрите официри на САД и вистински патриот.
Портпарол на НАТО во Брисел изјави дека Северноатланската алијанса ја почитува одлуката за повлекување од кандидатурата на генералот Ален.