Генералштабот во Дамаск во пламен
26 септември 2012Две силни експлозии одекнаа утрово во центарот на главниот град на Сирија, Дамаск, како што објави сириската државна телевизија.
Според телевизијата, експлозите се случиле во близина на Генералштабот на сириската aрмија на плоштадот Умајад, по што во реонот избувнал пожар.
Од реонот на експлозијата, каде се наоѓаат и згради на повеќе владини институции, се слушале и истрели од оружје, пренесуваат агенциите. Очевидци изјавиле дека од тој дел на Дамаск се издига црн чад.
Експлозија се случила и во елитната населба Абу Руманех. Една сириска опозициска организација информира дека и таму се слушале истрели од лесно оружје.
Сириската државна телевизијата информира дека при експлозиите, кои ги оквалификува како терористички чин, има и жртви, но дека засега нема податоци за нивниот број.
Се пренесуваат гласови дека е можно да постои и обид за пуч во рамките на војската, главните сообраќајници во Дамск се блокирани.
Претходниот ден бунтовниците извршија напад врз наводна централа на милициите во еден училишен комплекс недалеку од аеродромот во сирискиот главен град. Според сириската Опсерваторија за човекови права, во текот на вчерашниот ден во Сирија биле убиени околу 240 луѓе. Револуционерниот комитет тврди дека владините трупи и милициите верни на режимот денеска запалиле повеќе куќи на владините противници.