1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Г.г. Стефан: Не се поставуваат услови уште пред да почнат разговорите

ЕМФ/миа4 јануари 2013

Поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан бара МПЦ да биде „препозната како автокефална црква, како сите други цркви кои духовно возглавуваат еден национален, односно духовен простор кој има свои граници, потврдени во историјата“.

https://p.dw.com/p/17DdI
Фотографија: MIA

Поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан во Божикното интервју за Македонската информативна агенција – МИА, нагласува дека Македонската православна црква (МПЦ) е возобновителка на Охридската архиепископија (ОА), не е новонастаната Црква. Иако со де јуре прекинат континуитет, сепак, де факто таа секогаш постоела, живеејќи во срцата и мислите на Македонецот и сите православни од овие наши простори, вели тој.

Во врска со тоа дали има најави за продолжување на дијалогот меѓу МПЦ-ОА и Српската православна црква имајќи ја предвид изјавата на српскиот претседател Томислав Николиќ за време на неговата неодамнешна посета на Македонија, дека е подготвен да се ангажира, г.г. Стефан вели: „Најпрво ние црковниците би требало да се подзамислиме кога државници и пред нас и повеќе од нас ја согледуваат потребата од побрзо надминување на спорот и потребата двата народи, српскиот и македонскиот, да живеат како што им доликува на православни народи“.

Светиот архиерејски синод, како што вели поглаварот на МПЦ, го оцени ангажманот на претседателот Николиќ како добронамерен и добредојден и потенцираше: „Секогаш сме подготвени и за дијалог и за решение“.

„Нашата конструктивност за решавање на овој спор кој никому не е од корист, ја покажавме секогаш во минатото, но ја докажавме и веднаш по оваа најнова иницијатива – испративме писмо до Саборот на СПЦ со подготвеност да седнеме и да разговараме. Но, мора да се знае дека кога се пристапува во решавање на еден ваков спор, не е ниту дипломатски, ниту е во согласност во правилата, да се поставуваат услови и барања пред разговорите да почнат“, вели поглаварот на МПЦ-ОА.