Гамбари ја продолжува мисијата во Мијанмар
1 октомври 2007Посредникот Ибрахим Гамбари нема да замине од Мијанмар пред да оствари средба со шефот на хунтата, генералот Тан Шве – соопштија официјални извори на ОН. Ова е втор обид на Гамбари да оствари средба на највисоко ниво, бидејќи на викендот исто така беше во новиот главен град Напи Дуав – но без успех. Вчера Гамбари успеа да издејствува средба со лидерот на опозицијата Аунг Сан Су Чи, но детали за 90-минутниот разговор не се соопштуваат.
Поддршка за мисијата на Гамбари вчера дојде и од ЕУ. Координаторот на европската надворешна и безбедносна политика Хавиер Солана порача дека Унијата ќе направи се‘ за да се спречи нов масакр во поранешна Бурма. Ние ги повикавме властодршците во земјата апсолутно да се откажат од насилство над мирните демонстранти. Солана апелираше и до сите држави кои можат да извршат влијание врз хунатата во Мијанмар итно да дејствуваат. Ова особено важи за Кина, нагласи Солана, како голем сосед кој ја поддржува бурманската хунта. Но, доколку армијата повторно прибегне кон сила, тогаш ги проверуваме сите можни санкции, нагласи Хавиер Солана.
Построги санкции побара и шефицата на германската секција на Амнести интернешенал Барбара Лохбилер. Таа ја нагласи и централната улога на кинеското раководство во надминувањето на сегашната криза. Од Пекинг во меѓувреме дојде првиот апел до воената хунта. Кинескиот прмиер Вен Ѓијабао побара воздржување од насилство.
На демонстрациите против насилството во Мијанмар, што се одржаа во тајландскиот главен град Бангкок, еден бегалец од Мијанмар побара:
“Можеби би требало сите да ги бојкотираат Олимписките игри во Пекинг во 2008-та, бидејќи Кина е земјата која секогаш ја поддржуваше хунтата во Мијанмар.“
Скепса кон мисијата на посредбникот на ОН Гамбари и надеж дека соседните земји ќе извршат притисок врз хуната изрази и еден активист на опозицијата во Рангун:
“Не сум сигурен дека нешто ќе постигне, имало и порано пратеници но без голем успех. Се надевам дека Кина и Индија ќе сторат неѓто. Ќе биде многу тешко, но ќе молиме и понатаму за помош, Кина на пример, и се надеваме дека нема долго да не‘ игнорираат.“