1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гадафи ќе биде погребан во пустината

25 октомври 2011

Посмртните останки на поранешниот либиски претседател Моамер ел Гадафи сепак ќе бидат погребани во либиската пустина. Погребот е планиран за денеска, порача претставник на преодната влада.

https://p.dw.com/p/12yCG
Фотографија: Olivesi

Преодната влада на Либија не успеала да најде компромисно решение со племето на Гадафи околу предавањето на посмртните останки и условите за нивно погребување. Затоа телото сепак ќе биде погребано на непознато место во либиската пустина и тоа само во присуство на исламски свештеници. Заедно со Моамер Гадафи ќе биде погребан и син му Мотасим, кој загина во борбите за градот Сирт.

Другиот син на Гадафи, Саиф ал Ислам, пак, се подготвува да избега од Либија преку пустината на границата меѓу Алжир и Нигер. Претставници на преодната влада на Либија соопштија дека Саиф се служи со фалсификуван пасош и дека во подготвките на неговото бегство бил вмешан и поранешниот шеф на либиските тајни служби. Пустинскиот регион меѓутоа е многу тешко да се контролира, затоа се мали шансите Саиф да се спречи во намерите за бегство. Тој имаше клучна улога во организирањето на отпорот на лојалните сили против востаниците и се сметаше за веројатен наследник на полковникот Моамер ел Гадафи.

Автор: ГЧ/ дв/ ртр

Редактор: А.Трајковска