1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

110609 Gaddafi Italien

11 јуни 2009

Во придружба на демонстрации и големо обезбедување, либискиот лидер на револуцијата, Моамер ел Гадафи, ја почна првата официјална посета на Италија, откако дојде на власт во 1969 г. Историско, но и скокотливо патување.

https://p.dw.com/p/I7Qm
Либанскиот диктатор првпат ја посетува поранешната колонијална сила, ИталаијаФотографија: picture alliance / dpa

Срдечен пречек од државниот и владин врв, но и жестоки протести на опозицијата во парламентот и организациите за човекови права - и едното и другото можеа да се видат на првиот ден од посетата на Моамер ел Гадафи на Рим. Со закани за бојкот на средбата, сенаторите од опозицијата успејаа да направат барем мали измени во програмата. Наместо во пленарната сала на сенатот, либискиот лидер денеска ќе се обрати пред одреден број сенатори во друга, споредна просторија. Премиерот Силвио Берлускони упати критики на сметка на опозицијата, додека за Гадафи, на вчерашната прес-конференција, не можеше да најде доволно пофални зборови:

„Во овој водач препознавам голема мудрост. Признавам дека се` што ми кажал во врска со конфликтите низ светот во изминативе петнаесет години, најчесто биле мислења што најточно ја отсликувале реалноста“, рече Берлускони.

Спогодбата за пријателство и` донесе на Либија кредит од пет милијарди евра

Тој ја нагласи вредноста на Гадафи, по 40 години диктаторство, како гарант за политичката стабилност, како посредник и човек од доверба. Меѓу другото, и поради фактот што со потпишувањето на Спогодбата за пријателство, минатато лето, Италија и` додели на Либија и кредит од пет милијарди евра. Сума, што за многумина набљудувачи, ги оцртува контурите на економската соработка во иднина. Меѓутоа, и сума за која многумина се прашуваат - во што се состојат гаранциите од либиска страна дека ќе ја исплатат? Марко Пердука, сенатор од Радикалната партија вели:

Gaddafi auf offiziellem Besuch in Italien
Премиерот Берлускони е восхитен од мудроста на ГадафиФотографија: picture alliance / dpa

„Италија потпиша Договор за пријателство, на кој се работеше петнаесет години, без во него ниту еднаш да се спомене прашањето за човековите права. Освен тоа, на Парламентот не му дава никаква можност да врши контрола на тоа каде одат парите што ќе ги даваме во наредниве две децении. Станува збор за пет милијарди евра, кои ги дадовме туку-така на една земја која четириесет години не сторила ништо за унапредувањето на човековите права“, вели Пердука.

Италија не е веќе истата

Секако, Италија мора да одржува контакти и со недемократските влади, инаку ќе треба да се укинат односите со една третина од меѓународната заедница, смета Пердука. Меѓутоа, организациите за човекови права и либиските азиланти во Италија се против укажувањето на толкави почести на Моамер ел Гадафи.

Тој, пак, спогодбата за пријателство со Италија, склучена минатото лето, ја опиша како...:

„Знак дека денешна Италија не е истатата од вчера. Сега е можна соработка, пријателство и мир со оваа земја“.

Што се однесува до соработката во однос на спречувањето на поморската имиграција, Гадафи изјави дека тоа е проблем на целата меѓународна заедница, а на италијанските домаќини, речиси загадочно, им порача - не можете уште да ги држите вратите и натаму отворени.

Автор: Грегор Хопе / Трајче Тосев

Редактор: Трајче Тосев