1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гадафи нуди пари за водачите на бунтот

24 февруари 2011

Приврзаниците на Гадафи понудија награда за сите кои ќе понудат информации за водачите на бунтот. Гадафи наводно се забаракадирал во касарна во близина на Триполи. Обама го осуди насилството

https://p.dw.com/p/10Odr
Фотографија: picture alliance/dpa

Народниот комитет за безбедност на Либија ги повика бунтовниците веднаш да го положат оружјето заканувајќи се дека во спротивно „ќе ја исчисти земјата, од куќа до куќа“, јави либиската државна телевизија. Во замена за информации за водачите на бунтот, либиските власти во сабајлешното соопштение ветија солидни парични награди. „Оние кои ќе го предадат своето оружје и ќе покажат каење за своите дела, нема да бидат казнети според законот. На оние коишто ќе соработуваат со властите и ќе обезбедат информации за поттикнувачите, ќе им бидат исплатени големи суми пари како награда“, се вели во соопштението на либискиот Народен комитет прочитано на државната телевизија.

Обама го осуди насилството во Либија

„Насилството ги крши меѓународните стандарди. Тоа мора да престане“, порача категорично Барак Обама во првото јавно обраќање во врска со кризата во Либија. До сега тој и неговата администрација се воздржуваа од јавни изјави се’ додека не почна евакуирањето на американските граѓани од Либија. Во обраќањето до нацијата Барак Обама нагласи:

„Страдањето и крвопролевањето се огромни и неприфатливи. Истото важи и за заканите и наредбите да се стрела во мирни демонстранти и да се казни народот на Либија.“

Обама порача дека САД им даваат силна поддршка на универзалните човекови права на либискиот народ, што вклучува и право на мирно собирање, слободно изразување на мислењето и правото да решава за својата судбина. Што се однесува до мерките на неговата влада, претседателот изјави:

„Побарав од мојата администрација да изготви цела лепеза на опции, со кои би можеле да одговориме на кризата. Тоа ги вклучува мерките што би ги презеле ние, но и такви што би ги координирале со нашите сојузници и партнери или пак такви што би ги спровеле меѓународните институции“, нагласи Обама и додаде дека сега е битно меѓународната заедница да зборува со ист глас.

Libyen Muammar al-Gaddafi Proteste Demonstration
Гадафи наводно се крие во касарна во ТриполиФотографија: picture alliance/dpa

Гадафи забарикадиран во касарна

Генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун исто така ја повика меѓународната заедница на единство за да го овозможи итниот и мирен политички пресврт во Либија. Бан исто така побара казнување на сите кои се одговорни за пролевањето на крвта на недолжни лица во Либија. Од Либија пристигаат информации дека претседателот Моамер ел Гадафи и понатаму ја губи поддршката и се забарикадирал со четири бригади во една касарна блиску до Триполи.

Во дипломатска мисија во регионот денеска е и германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле, кој ќе ги продолжи средбите со раководството на Египет. На вчерашните разговори тој побара ЕУ да постигне единство во ставот и постапките кон Либија. Тоа во моментов не е можно поради блокадата на Италија, која не ги поддржува иницијативите на Германија и Франција за донесување санкции против режимот на Гадафи. Италија има големи економски интереси во Либија, но исто така се плаши од можен голем бран бегалци.

Автор: Кристина Бергман/Горан Чутановски

Редактор: Борис Георгиевски

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема