„Гадафи е надвор од умот“
1 март 2011Борбите во Либија продолжуваат со ненамалена жестина. Во севернолибискиот град Мисрата, според очевидци, приврзаниците на Мoамер ел Гадафи отвориле оган врз минувачите, при што биле убиени две лица. Жителите на Мисрата меѓутоа и натаму ја имаат контролата во градот. Вооружени лица, поддржувачи на Гадафи, вчеравечер пукале и во друг град на 150 километри источно од Триполи. Светските агенции јавуваат дека според информации на очевидци единици на либиската влада напаѓале градови кои ги контролира опозицијата на западот на Либија. Исто така и во главниот град Триполи, трупи верни на Гадафи отвориле оган врз невооружени демонстранти. Либискиот властодржец, во интервју за БиБиСи, пак, и натаму негира дека во Триполи има протести.
Воените трупи на САД се` поблиску до Либија
Портпаролот на американската влада Џеј Карни, по средбата на американскиот претседател Барак Обама и генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун, изјави дека САД во кризата во Либија ги држат отворени сите опции. Истовремено потврди дека во областа во тек е распределба на американските трупи. Во регионот се позиционираат воени бродови. Американската министерка за надворешни работи Хилари Клинтон меѓутоа негираше дека претстои воен напад врз Либија. Американската амбасадорка при ОН Сузан Рајс во меѓувреме исто така жестоко го критикуваше Гадафи.
„Гадафи мора веднаш да поднесе оставка за да спречи натамошно крвопролевање“, изјави Рајс. „Ако во интервјуата тврди дека во Либија нема никакви протести, тогаш мора да е сосема надвор од умот и да ја изгубил секоја врска со реалноста.“ Тој го масакрира сопствениот народ, смета амбасадорката.
Либија добила оружје откако почнале протестите
Во меѓувреме расте загриженоста во ОН и за хуманитарната состојба во Либија. Во главниот град, кој и понатаму е под контрола на претседателот Мoамер ел Гадафи, според проценките на ОН недостасуваат прехранбени производи, лекови и медицинска помош. Генераланата секретарка за вонреднени хуманитарни ситуации при ОН, Валери Амос во Њујорк, повикувајќи се на информации на арапаската станица Ал Џазира, изјави дека само во Триполи имало меѓу 600 и 2000 жртви.
Шведскиот институт за мировни истражувања СИПРИ, објави дека по почетокот на крвопролевањето на Либија најверојатно и` било испорачано оружје. Кон средината на февруари на либискиот аеродром Себа слетал транспортен авион кој доаѓал од белоруска воена база. Себа е најважната област за воена логистика на југот на Либија, соопшти експертот на СИПРИ, Хју Грифитс во Стокхолм. Регионот го контролирало племе лојално на властодржецот Гадафи.
Автор: АТ/ТТ/дпа/дапд/афп/дв
Редактор: Трајче Тосев