1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вљубените немаат чувство за вкус

Зела Онеко/ Жана Ацеска14 февруари 2013

Слатко, солено, горко или кисело - свежо вљубените потешко ги чувствуваат овие вкусови отколку долгогодишните парови или самци. Причина се хормоните, открија научниците во Бремерхафен.

https://p.dw.com/p/17dzn
Фотографија: Fotolia/Henry Schmitt

Телото кај свежо вљубените луѓе се наоѓа во вонредна состојба. Изреката дека вљубениот готвач ја пресолува супата, е навистина точна, зашто кај свежо вљубените под влијание најмногу се вкусот за солено, благо, кисело и горко. Виновни за тоа се хормоните, хемиски супстанци кои учествуваат во речиси сите телесни функции. Тие ја управуваат, на пример, размената на материи, имунолошкиот систем или подложноста на стрес. А тие се во акција и кога се работи за љубовта.

Вонредна состојба - љубов

„Хормоните играат централна улога во телото, се‘ што перцепираме и чувствуваме е хормонално условено“, објаснува Карстен Хармс од истражувачкиот тим на Центарот за технологија и трансфер во Бремерхафен.

„Кога се наоѓаме во вонредна состојба каква што е љубовта, тогаш доаѓа до покачување на различни хормони, што игра голема улога врз нашето чувство за вкус“.

Deutschland Korb Brezeln
Паровите имаат подобро чувство за вкус на солено од вљубенитеФотографија: cmfotoworks/Fotolia

Овие променети перцепции научниците ги испитале кај 46 лица. Покрај група од свежо вљубени, како контролна група служеле луѓе во долгогодишна врска и самци. Во подготовката на тестот кај изборот на личностите бил користен психолошки тест. Таканаречениот тест за интензитетот на љубовта е развиен во 1986 година од Елиане Хатфелд и Сузан Спејсер. Во прашалникот испитаниците одговараат колку често, на пример, мислат на партнерот или им недостасува. Потоа ги распоредувале во групата на свежо вљубени или во другата, контролна група за учество во студијата.

За време на тестот сите испитаници требало да пробаат храна, да мирисаат и да им биде земен примерок од слузокожата. За да ги следат мерливите промени во телото, научниците ги избрале хормоните окситоцин и тестостерон.

Хормоните се под влијание на брачниот статус (или на постоењето врска).

Резултатите на тестот покажуваат дека нивото на окситоцин навистина влијае врз интензитетот на чувството за вкус на вљубените. Навистина интересен резултат, смета Хармс, зашто според него, на вљубените им е потребен поголем дел солен, благ, горчлив или кисел дел во јадењето за да го почувствуваат тој вкус. Кај долгогодишните партнери, напротив, не е така.

Orchideenfächer in Deutschland Angewandte Sexualwissenschaft
Постои и психолошки тест за интензитетот на вљубеностаФотографија: picture-alliance/dpa

Окситоцин инаку е познат како хормон на галење, зашто се доведува во врска со љубовни чувства. Тој се лачи на пример засилено кај жените по породувањето и при доењето. Но, и брачниот статус, односно дали некој живее во врска или сам, има влијание врз хормонот, покажаа резултатите од студијата, зашто кај подолго вљубените мажи и жени е констатирано повисоко ниво на окситоцин во слузокожата отколку кај групата самци. И нивото на тестостеронот, кој според својата концентрација и дејство нормално е различен кај жените и мажите, кај вљубените се изедначува: кај жените нивото на тестостеронот расте, а кај мажите напротив се намалува. Уште пониско ниво на тестостерон имале при испитувањето мажите кои се наоѓале во врска - знак за мирна и урамнотежена животна ситуација, толкуваат научниците.

Понакво чувство за вкус - не само кај вљубените

Хормоналните промени меѓутоа не делуваат само кај чувството за вкус на вљубените, објаснува професор Хармс. И другите „вонредни“ состојби, како лачењето адреналин кај екстремните спортови или луѓето под стрес, може да биде релевантно за резултатите. „Мора да се обработат повеќе вредности, зашто хормоналната ситуација кај вакви екстремни ситуации не се базира само на двата хормони, туку е еден вид коктел“, смета Хармс.

Оваа студија затоа е само почеток. На пример, земање предвид на повеќе хормони и повеќе правци на вкус може да открие дали во т.н. вонредни ситуации, како љубовта, постои и поинаква потреба од прехранбени производи. Ваков резултат би бил интересен и за прехранбената индустрија, за во иднина да се прилагоди на вакви специјални вкусови, истакнува Хармс.