Вук Јеремиќ исклучен од неговата партија
16 март 2013„Со ова Јеремиќ е исклучен од членството во ДС, а одлуката на Статутарната комисија по ова прашање е конечна“, стои во соопштението на оваа партија. Комисијата ја донесе оваа одлука по три и пол часа заседавање. Јеремиќ, ако сака, може во недела да присуствува како гостин на Програмското собрание на ДС, изјави претседателот на оваа партија Драган Ѓилас за телевизијата Б92. Претседавачот со Генералното собрание на ОН Вук Јеремиќ на својот Твитер профил најави дека ќе дојде во Белград и ќе одржи говор на партискиот собир.
Одлуката за исклучување на Јеремиќ од партијата е донесена уште во средината на февруари. Причината е непочитување на одлуката на Главниот одбор – сите пратеници во српското собрание, кои биле членови на претходната влада, да ги вратат своите мандати. Јеремиќ за таквата одлука се жалеше и пред Уставниот суд на Србија, од кого побара да ја оцени уставноста и законитоста на ваквата одлука. Несогласувањата и исклучувањата од ДС почнаа откако Драган Ѓилас беше изабран за претседател на оваа партија.
Од редовите на Демократите е исклучен и поранешниот министер за земјоделие Душан Петровиќ, кој со уште петмина партиски колеги во српскиот парламент веќе формира посебен пратенички клуб и најави формирање на партијата „Заедно за Србија“.