1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вселената како луда железница

Соња Анџелика Дин/ Игор Смилевски 29 ноември 2012

Неодамна научниците објавија нова мапа на која може да се види како изгледал универзумот пред 11 милијарди години. Од мапата произлегува дека универзумот се шири брзо, слично како возење со луда железница.

https://p.dw.com/p/16nHh
Фотографија: Flickr/Chris Lasley

Во моментов, не само што се шири универзумот туку тоа се случува и многу брзо. Но овој процес не секогаш се одвивал на таков начин. Меѓународна група на научници успеа да направи шематски приказ за тоа што се случувало со универзумот пред 11 милијарди години, односно 3 милијарди години по Големата експлозија.

Нивното истражување покажа дека по Големата експлозија ширењето на вселената ја намалило брзината за потоа повторно да се забрза.

Откритието, кое се базира на статистичките податоци собрани од СДСС (Solan Digital Sky) телескопот ја потврдува и теоријата за постоење на темна материја и темна енергија.

Астрономите велат дека темната енергија мора да постои, бидејќи е одговорна за за брзината со која се шири универзумот.

Единствени методи

За да можат да ја утврдат релативната позицијата на галаксиите во вселената, астрономите честопати ги мерат промените во брановата должина на светлината поради гравитацијата. Оваа појава е позната како црвено поместување.

Alter des Universums
Фотографија: Zosia Rostomian, LBNL; Nic Ross, BOSS Lyman-alpha team, LBNL; and Springel et al, Virgo Consortium and the Max Planck Institute for Astrophysics

Меѓутоа новата анализа комбинираше два различни методи. Првиот, вклучува мерење на растојанието што го изминале звучните бранови кои настанале од Големата експлозија до времето на настанување на атомите.

Џејмс Рич кој е еден од шеесетмината автори вклучени во оваа студија објаснува дека ваквото мерење кое се нарекува Барионска акустична осцилација, создало „магична оддалеченост“ меѓу водородните облаци и вселената од околу 300 милиони светлосни години.

„Во универзумот има многу случајности, но ова е една од ретките ситуации во кои она што го гледате на небото е совршено едноставно и во целост соодветствува со основните закони на физиката“, вели Рич.

Вил Персивал, научник на Британскиот Институт за космологија и гравитација е исто така еден од авторите на оваа студија. Тој вели дека растојанието меѓу водородните облаци се користи како скала според која научниците ја одредуваат брзината со која се шири универзумот.

Втората постапка користена во истражувањето се однесувала на тоа колкава количина на светлина емитувана од некоја галаксија („Квази-стеларни радио извори“- квазар) може да апсорбираат водородните облаци.

Albert Einstein Porträt
Алберт Ајнштајн ја користеше темната енергија како константа за своите равенкиФотографија: AP

Околу 49.000 квазари кои биле опфатени со ова истражување се наоѓаат на далечина од 11 милијарди светлосни години. Доколку се земе предвид дека се проценува дека универзумот е стар околу 13,7 милијарди години, тогаш логичен е заклучокот дека мапата е всушност приказ за тоа како изгледал универзумот 2,7 милијарди години по Големата експлозија.

Луда железница

Споредувајчи ја скицата од релативно младиот универзум, со познатиот распоред на галаксии од втората половина на своето постоење, научниците открија дека ширењето на вселената го успори ширењето пред новиот замаф кога универзумот бил стар околу 6 милијарди години.

Метју Пери, истражувач од Универзитетот во Портсмут, ширењето на универзумот го споредува со движењето лудата железница:

„Нашите нови мерења се однесуваат на периодот кога универзумот се качувал по нагорница, бидејќи гравитацијата го успорувала. Кога лудата железница го достигна врвот пред околу 7 милијарди години, започнал да се спушта по надолница и така добил забразување.“

„Откритието во целост кореспондира со општите сознанија за темната материја и темната енергија“, вели Персивал. Темната материја не зрачи светлина, тоа треба прецизно да се утврди, но постојат силни докази кои го подржуваат нејзиното постоење.

Алберт Ајнштајн ја користел темната енергија како константа во своите равенки и за нејзе постојано се вели дека придонесува за ширење на универзумот. Меѓутоа, сепак нејзиното постоење останува една од најголемите енигми за денешните астрофизичари.