1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Време на несигурност - каде со заштедата?

К. Лашчак/ К. Рикинг/ Ж.Ацеска27 април 2013

Европската должничка криза внесува несигурност кај штедачите, која ги става Германците пред нови предизвици - што да прават со парите што ги имаат на располагање?

https://p.dw.com/p/18IVj
Фотографија: Fotolia/PA

Спасувањето на Кипар покажа: ако е нужно, за спас на банките може да се посегне и по заштедите на консументите. Оваа несигурност ги става Германците пред нови предизвици - што да прават со парите што ги имаат на располагање? Во германските банки на жиро сметка, банкарска сметка или со класично штедење граѓаните имаат 1,8 билиони евра.

Германците ги бие глас дека се штедливи, но оние кои можат да си дозволат, моментно се оддадени на купување, пред се‘ - луксузна стока.

Претприемничката Брита Маркс во Берлин раководи со трговска фирма за градежни материјали. Таа има доволно пари, но малку време, затоа ангажира лична советничка за купување ексклузивна облека.

Symbolbild Luxus und Auto
Наместо во банка, парите често се вложуваат во луксузФотографија: Fotolia/Martin Hahn

Советничката Доротеа Барт од сервисот за купување Луксандор објаснува:

„Некои определуваат конкретна сума и велат - денеска не сакам да потрошам повеќе од илјада евра, а некои се целосно отворени. Некои доаѓаат со одредена замисла, но потоа трошат многу повеќе, зашто едноставно се вљубуваат. Модата, облеката и купувањето се поврзани со емоции, а кога ќе го најдеш вистинското, кое ти дава добро чувство, тогаш си подготвен да дадеш и повеќе пари.“

Брита Маркс разгледува во продавницата кожна јакна која чини околу 900 евра, не е баш евтина.

„Би рекла, ваква јакна е супер-инвестиција, зашто може да се носи десет години. Значи, човек не може подобро да ги инвестира парите. Освен тоа, човек го живее моментот, а којзнае дали подоцна воопшто ќе можам да трошам толку пари“, смета таа.

Да се потрошат многу пари за скапа облека, за Волфганг Бекер не доаѓа предвид. Тој води мала пржилница за кафе во Магдебург. Она што му останува од приходите, го става настрана. Заштедата и‘ ја доверува на банката.

„Би ги оставил в банка, мислам дека е тоа добра одлука. Човек постојано нешто си купува, оди понекогаш на патување, но еден дел останува на сигурно во банката. Во секој случај, посигурно отколку под перница.“

Неговата банка е во соседството. Бекер спаѓа во милионите штедачи во Германија, кои секој месец тргаат на страна малку пари за старост или за непредвиден случај. Но, откако и ситните штедачи требаше да учествуваат во спасот на банките на Кипар, кај многумина се јави несигурност.

Консултантот Штефен Кобер од Фолксбанк Магдебург смета за потребно да ги информира муштериите.

„Ќе објаснуваме, но ќе се обидеме и да ги растераме грижите и стравовите, оти кај нас, силната заедница од фолкс-банки и штедилници во Германија, не само што се осигурани заштедите, како во Европа до 100.000 евра, туку ние располагаме и со сопствен систем на осигурување на влоговите. Тоа е далеку повеќе од она што можат да го покажат другите банки.“

Во просек, секој Германец става настрана повеќе од десет проценти од приходите, што е една од највисоките стапки на штедење во цела Европа. Но, моментно цените растат побрзо од каматите на штедни влогови. Дали штедењето воопшто се исплаќа?

Geschäft Schaufenster Louis Vitton Luxusgüter
Фотографија: picture-alliance/Lonely Planet Images

Георг Фареншон, претседател на штедилница, е убеден во тоа:

„Иако каматите се ниски, треба јасно да се каже, кредитното стопанство ги осигурува влоговите, а се разбира, со оглед на актуелната состојба на многу ниски каматни стапки, се обидуваме и покрај тоа на штедачот, покрај сигурноста, да му понудиме и дополнителна вредност“.

Моментно каматата на заштедите е 0,3 проценти. Затоа многумина порадо ги трошат парите, како Брита Маркс:

„Радо трошам пари за убави работи. Не секој ден, но одвреме навреме, кога одам да купувам, тогаш купувам нешто убаво и не толку евтино“.

Брита Маркс никогаш не излегува од продавница со празни раце. При секое купување троши најмалку неколку стотици евра, плус хонорарот за советничката.