1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Време е за суштински разговори

Марина Максимовиќ/ Симе Недевски19 февруари 2013

Во дијалогот Белград - Приштина се отвораат тешки прашања, кои бараат повеќе време. Затоа ЕУ резервираше два дена за суштински разговори на досега најважната рунда од дијалогот во Брисел.

https://p.dw.com/p/17guy
Фотографија: picture-alliance/dpa

Петтата рунда од дијалогот меѓу премиерите на Србија и на Косово, Ивица Дачиќ и Хашим Тачи предвидено е да трае подолго отколку која било друга претходно. Шефицата на европската дипломатија Кетрин Ештон ги „резервираше“ вторник и среда (19.2.-20.2.) за како што го карактеризираше „најважниот дел од дијалогот Србија - Косово“. Форматото на состанокот и овојпат ќе биде ист. Најнапред денеска на пладне на одвоени билатерални состаноци премиерите ќе се сретнат со високата претставничка на ЕУ за надворешна политика по што ќе следува работен ручек и како што во Брисел се најавува „доволно време за отворени практични прашање“.

„Ова е веќе петти состанок во дијалогот со кој посредува госпоѓата Ештон. Во тој контекст се отвораат вистински тешки прашања и затоа обезбедивме и повеќе време. За нас овој состанок е многу важен“, изјави портпаролката на шефицата на дипломатијата на ЕУ, Маја Коцијанчиќ.

Клучен чекор кон датумот за преговори со ЕУ?

Во официјалните најави од Брисел порачуваат дека теми на разговор во петтата рунда ќе бидат оние кои веќе се отворени, а нерешени за време на претходните состаноци, како и напредокот во имплементацијата на постигнатите договори. Во канцеларијата на Ештон се повикуваат на декемвриските заклучоци на Советот на ЕУ како на „јасно зацртана агенда на дијалогот“ и додаваат дека „северно Косово, како веќе отворено прашање“ ќе биде тема на разговорите.

Од Белград стигнаа најави дека ќе се разговара за „паралелизмот во институциите“, повлекувањето на спорните структури, првенствено оние поврзани со присуството на МВР на Србија на северот на Косово, паралелно со разговорите за создавање заедница на српски општини на Косово.

Kosovo ungarische NATO Soldaten in Mitrovica
Северно Косово- едно од тешките прашањаФотографија: picture-alliance/dpa

Прашањето на „укинување на паралелните институции на северно Косово“ и во Европскиот парламент го сметаат за едно од „тешките прашања“, за кои мора да се најде договор, а известувачот за Србија на ЕП, Јелко Кацин за ДВ го истакнува значењето на новата рунда разговори меѓу Дачиќ и Тачи.

„Политичкиот дијалог на двајцата премиери тргна добро и очекуваме во петтиот круг да дојде до суштинска расправа, која во шетиот круг би можела да донесе позитивна оценка, така што Кетрин Ештон би имала аргументи да ги убеди шефовите на држави или на влади на ЕУ на јунскиот самит да дадат датум за почеток нa прегoворите за членство на Србија во ЕУ’, вели Кацин.

Напредокот на Србија видлив за ЕУ?

Во Брисел спроти петтата рунда разговори на премиерите на Србија и на Косово најавуваат дека тој дијалог „ќе продолжи се’ додека има отворени прашања кои мора да бидат решени“. На средината на април се очекува уште еден пресек на состојбата“- извештајот на Европската комисија за напредокот на Србија во процесот на евроинтеграции. Тоа на земјите-членки на ЕУ би им дало доволно време до јуни да одлучат дали Србија остварила „видлив напредок“ и дали е подготвена да добие датум за почеток на пристапните преговори. За сега како „видлив напредок“ во насока на нормализација на односите се наведуваат одржливото решение за северот на Косово, решавање на енергетските прашања, прашањаата околу посебниот позивен број за Приштина ако и примената на договорите за царината.