1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Враќање на Ѓокчада

Г. Кене / Е.М. Фиданоска7 декември 2013

Ѓокчада е турски остров, каде до пред 80 години живееја исклучиво Грци. По преземањето на островот од страна на Турците, илјадници Грци побегнаа. Сега дел од нив повторно се враќаат за да останат.

https://p.dw.com/p/1ADTx
Фотографија: DW

Со своите планини се издига високо над Егејот. Грците турскиот остров Ѓокчада го нарекуваат Имброс. Димитрис Јакамоз е Грк. Кога наутро ја отклучува вратата на основното училиште се чувствува како да се вратил 50 години назад во минатото. Овде и самиот научил да чита и пишува. Тој од пред неколку недели е домаќин на училиштето.

„Како се‘ уште да седам во клупа, се‘ е останато како што беше тогаш“, вели Јакамоз.

На Ѓокчада пред 80 години живееја исклучиво Грци. Потоа Турците го презедоа островот. Илјадници Грци побегнаа.

Училиштето во селото Аја Теодори е празно со децении. Сега турската држава, што е изненадување, дозволи негово повторно отворање и дури ги плаќа и учителите.

Сите ученици, кои наутро треба да бидат однесени на училиште, ги собира во едно такси. Четири деца, од кои најмалото има пет години. Нивните родители од Грција се вратиле во куќите на своите претци на Имброс. Поради тензиите меѓу двете земји заминале во Грција, но со училиштето одеднаш повторно има надеж.

Учениците учат сметање, пишување и читање, на турски и на грчки.

Директорката на училиштето Параскеви Бербер е Гркинка. И таа се вратила на островот на своето детство. Нејзиниот заменик е Турчин. Тоа во училиштата на малцинствата во Турција е вообичаено.

„Четворица ученици и тројца учители... Тоа на прв поглед е малку невообичаено, но верувам дека ќе се напредува доколку добро ја вршиме работата и доколку се добри условите за живот за младите грчки семејства. Во таков случај во нашето мало училиште ќе доаѓаат уште ученици“, вели директорката.

Една православна фондација со години се бореше за повторно отворање на училиштето. Тоа треба да е симбол на желбата за преживување на грчката заедница на Ѓокчада. Да се биде минијатурно малцинство - на тоа се чини по неколку недели се привикнаа и грчките ученици. Софија Авчи, на пример, вели: „Вака ми се допаѓа. Воопшто не сакам повеќе соученици.“

Турските националисти ги обвинуваа Грците за кризата околу Кипар и во 1960-тите и 1970-тите вршеа притисок за иселување. Денес турската држава се прикажува како великодушна кон своите малцинства. Одземеното земјиште ќе биде вратено, зајакнато е правото на настава на мајчин јазик. Анкара сака имиџ на толерантност.

Градоначалникот на Ѓокчада Јуџал Аталај објаснува:

„Нашиот премиер ваквите прашања ги решава како што му доликува на еден навистина голем државник. Ние сакаме на островот да се вратат уште повеќе поранешни грчки жители. Тие треба повторно да работат овде. Во Грција владее тешка економска криза. Овде можат да направат нов почеток. Ајде сите повторно мирно да живееме!“

Gökceada Imros
Градоначалникот на Ѓокчада Јуџал Аталај вели: „Ајде сите повторно мирно да живееме!“Фотографија: Fotolia/askihuseyin

Во Аја Теодори, селото на последните Грци, се‘ уште има скепса и покрај сета радост поради повторно отвореното училиште. Особено старите имаат тешки времиња зад себе. Домаќинот Јакамоз е радосен што изминатите 30 години ги минал во Грција и во Германија:

„По пучот на армијата во 1980-тите, ова овде беше затворена зона. На островот смееше да се дојде само со пасош. Луѓето овде беа отсечени од надворшениот свет“, вели тој.

Владата овде испраќала и затвореници, кои им го отежнувале животот на преостанатите Грци. Но и за тоа никој не сака да зборува...

Сега на Имброс може да се врати нов грчки живот. Во Аја Теодори се реставрирани голем број куќи. Има дури и мал хотел.

Домаќинот Јакамоз и сите други повратници најголема надеж полагаат во нивното мало селско училиште. На него ќе се покаже колку е сериозна Турција со својата нова политика кон малцинствата.