1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

310311 Hannover Messe 2011

7 април 2011

На индустрискиот саем во Хановер годинава се’ се врти околу иднината на енергијата. Расположението кај претпријатијата застапени на саемот, кој е некој вид барометар за конјунктурата, е добро, саемот пак бележи подем.

https://p.dw.com/p/10o5P
Во знакот на енергијатаФотографија: DW

„Годинава се вратија 400 претпријатија, половината од нив од странство; ова зборува за оптимизам во меѓународни рамки“, вели Волфрам фон Фрич, претседател на Управниот одбор на Саемот во Хановер.

Клучна тема е „смарт ефишенси“, интелигентна ефективност, односно зголемување на ефективноста во индустриското производство.

„По кризата претпријатијата се во потрага по модели на ефективност и можности за пораст на ефективноста. Тоа може да се постигне со поврзување на различни индустриски области. Тоа практично тематски се провлекува како заедничка нишка низ сите презентации овде“, нагласува Хартвих фон Зас, портпарол на Хановерскиот саем.

Hannover Messe 2011
Фотографија: Deutsche Messe Hannover

Во ова спаѓаат иновациите со кои може да се оптимира користењето на енергија. Обновливи енергии, ефективно користење на енергијата, заштита на климата - теми кои паднаа по малку во втор план за време на финансиската и стопанска криза, но атомската катастрофа во Јапонија повторно ја распламти дискусијата околу снабдувањето со енергија во иднина. Токму во таа област саемот во Хановер годинава има многу нешта да покаже.

„Годинава многу битни се големата област на иновациите и на енергијата. Силно фокусирајќи се врз енергетски теми, Саемот во Хановер во меѓувреме стана водечки во светот во областа на енергетската технологија“, истакнува портпаролот фон Зас.

Новина-манифестацијата „Метрополитен солушнс“

Свои иновации во Хановер презентираат како претпријатијата што управуваат со атомските електрани, исто така и водечките понудувачи од областа на користењето на енергијата на ветрот, сонцето и био-енергијата. Сосем нова во програмата на саемот е манифестацијата „Метрополитен солушнс“. Во неа се прикажани визии за животот во иднина во огромни населени центри: како може да се организира снабдувањето со енергија со помош на интелигентни мрежи, како би можела да изгледа инфраструктурата на иднината, како зградите да бидат енергетски поефективни, и како во иднина полесно да се излезе на крај со сметот, отпадните води и со проблемот со снабдување со вода за пиење.

Hannover Messe 2011 Flash-Galerie
Дешифрирана тајната на птичјиот летФотографија: Deutsche Messe Hannover

На свеченото отворање во саемската хала едно летало тешко половина килограм пловеше низ воздухот со специјални движења на крилата. Леталото ги имитира движењата на еден вид галеб - природата како пример за углед и демонстрација на умешноста на германските инженери. Во наредниов прилог за некои од иновациите на Индустрискиот саем во Хановер.

Автор: Инза Вреде/ Зоран Јордановски

Редактор: Жана Ацеска