1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вработени секаде, а никаде

6 јуни 2011

Во областа Шпревалд во Германија, претпријатијата имаат организирано сопствено посредништво кое им овозможува во вистински момент да го добијат вистинскиот работник со неопходните квалификации за определено место.

https://p.dw.com/p/117zv
Берба на краставици во регионот ШпревалдФотографија: picture alliance / dpa

На 1 мај паднаа последните бариери. Работниците од источноевропските земји кои пристапија кон ЕУ во 2004 година смеат без никакви ограничувања да работат и во Германија. Според проценките на експертите, поради тоа, би можел да се очекува бран од дури 200 илјади источноевропски работници на германскиот пазар на труд. За повеќето фирми тоа е добра вест, зашто тие очајнички бараат работна сила. Токму во селските региони во Германија во моментов владее состојба за која експертите предвидуваат дека ќе ја зафати целата земја: сериозен недостаток на работна сила поради стареењето и иселувањето. Таков е примерот на регионот Шпревалд, во јужниот дел на покраината Бранденбург. Таму, од една страна, има многу мали претпријатија, на кои не им е потребна работна сила со полно работно време во текот на целата година, а, од друга страна, таму има многу работници, кои поради недостатокот од соодветна работна перспектива се иселуваат. За да се спречи тоа, тука настана еден нов работен модел, кој би можел на многу луѓе кои бараат работа да им биде вистинска алтернатива, доколку на повидок немаат долгорочно работно место.

Во вистински момент на вистинско работно место

Таков е примерот на Штефан Кох. На пролет работа во шума, на лето најчесто на нива, а пред две години тој дури определено време работел и во индустријата за месо. Кох имал повеќе работни места кои редовно ги менувал:

„Да, тоа е во секој случај поинаку, постојано со други работодавачи. Во спротивно, би се работело постојано во едно претпријатие, каде работата е најчесто иста, додуша сезонски условена, меѓутоа најчесто тоа е една иста работа. А вака се доаѓа во различни претпријатија, на различни работни места, и тоа ми причинува задоволство“, вели Кох, кој во моментов работи во земјоделското претпријатие „Остра“.

Straupitz im Spreewald
ШпревалдФотографија: dpa

Работните ангажмани на Штефан Кох ги координира Андреас Печик од Сојузот на работодавачи од Шпревалд. Тој, имено, има точен преглед за тоа - кога, кој е каде потребен:

„Не станува збор за тоа дека ние изнајмуваме работници, туку станува збор за тоа дека ние сме еден сојуз на претпријатија кој за флексибилните потреби од работен кадар има организирано заедничко персонално биро. Тоа значи дека ние може така да се каже имаме пул од работна сила, и наша задача е да ги организираме тие, во претпријатијата познати, искусни и квалификувани работници, на начин на кој тие би биле секогаш во вистински момент на вистинското работно место. Во принцип, како едно големо претпријатие со различни работни одделенија.“

Флексибилноста е голема предност

Во регионот Шпревалд, во меѓувреме, Сојузот на работодавачи им има организирано работа на 75 работници, од земјоделци до книговодители. А побарувачката за работници кои можат да го менуваат работното место постојано расте. Токму многуте мали претпријатија не можат да вработуваат на долг рок. За специјализирани дејности, меѓутоа, работната сила која се добива преку традиционалните фирми за изнајмување на времени работници, или пак преку државната агенција за труд, не е алтернатива за персоналот кој го организира Сојузот на работодавачи Шпревалд. Томас Вовчерк од претпријатето „Остра“ објаснува зошто:

Spreewald 3
ШпревалдФотографија: Silke Ballweg

„Главната предност е дека луѓето кои ги организира Сојузот многу добро ја познаваат тешката земјоделска машинерија. Во тој смисол, јас не би можел да земам никого од агенцијата за труд, најнапред поради ненавременоста на агенцијата, каде што има и релативно многу проблеми. Затоа му се јавуваме на господинот Печик дали можеби има некого. Тој е многу флексибилен и може брзо да ми испрати некого кога ми е потребен.“

Штефан Кох во секој случај, тука во „Остра“, има уште многу да сработи . Претпријатието, како впрочем и секоја година, и овојпат го има цврсто испланирано неговиот ангажман за цело лето. Во зима тој би можел потоа повторно да го смени работното место. Сојузот на работодавачи ќе се погрижи за тоа. Во секој случај, Штефан Кох не е загрижен за својата иднина.

Автор: Кристина Редер / Симе Недевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска