1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вработените во црквата имаат право на штрајк

Рејчел Госат/Игор Смилевски22 ноември 2012

Спорот за правата на вработените во црквата во Германија трае со децении и дури и по пресудата на Сојузниот суд со која се гарантираат работничките права, се‘ уште не е сигурно дали е целосно разрешен.

https://p.dw.com/p/16nut
Фотографија: Silvia Becker

Со години наназад црквата ги игнорираше прописите со кои се гарантираат правата на работното место, но со новите промени, на вработените им се допушта правото на штрајк.

Овој спор претставува сериозен проблем дури и за највисоката судска истанца која одлучува за работничките права – Судот во Ерфурт. Причина за тоа се два противречни члена кои постојат во германскиот устав, поточно во „Основниот закон“ донесен во 1949. година. Едниот од нив на сите вработени им ја гарантира борбата за работнички права, при што правото на штрајк е наведено како последно и најмоќно средство. Во другиот член пак, кој е преземен од уставот на Вајмарската Република, на црквата во Германија и' се гарантира независност од било какво влијание на државата, од што може да се заклучи дека со тоа е опфатен и законот за работни односи.
Двете контрадикторни одредби од Уставот и' создаваат можност на германската црква самата да го толкува истиот и да пронајде трета можност за конкретниот проблем. Првата можност би била непосредна дискусија со синдикатот кој бара подобри услови за работниците. Втората можност, која е најприменувана во Германија, подразбира склучување договори помеѓу синдикатот и одреден сектор во претпријатието, без притоа во преговорите да се инволвира целата фирма. Конечно, третата можност која ја применува црквата, во целост го заобиколува синдикалното здружување и поздразбира директни преговори помеѓу претставниците на вработените и управата во кои и двете страни настојуваат да изнајдат консензус.

Свештениците не се вклучени

Кога се зборува за работнички права на луѓе од црквата, мора да се појасни дека во оваа категорија не се опфатени свештениците. Имено двете најголеми цркви во Германија, католичката и евангелистичката имаат околу еден милион и триста илјади вработени и се втор најголем работодавец, веднаш по државата со нејзината администрација.

Deutschland entdecken - Luthers Hochzeit 014
Фотографија: DW / Nelioubin

Под раководство на црквата е цела низа на детски градинки, училишта, старечки домови, болници и нејзини вработени се наставниците, докторите па дури и хигиеничарите во тие установи. Во оваа категорија припаѓаат и работниците од хуманитарните организации на католичката и евангелистичката црква. Овие луѓе имаат многу тешки услови за работа, кои повеќе прилегаат на 12от век, отколку на земја како Германија во 21от век.

Двете најголеми цркви, подеднакво ги користат привилегиите од нивниот доминантен статус така што неретко се случува протестант да биде вработен во католичка институција и обратно. Од друга страна, сосема е невозможно луѓе кои не се верници да добијат работа во некоја црковна институција. Со договорот за вработување, лицето мора да се обврзе дека ќе ги почитува „моралните начела“ на црквата а тоа всушност значи дека е верник, дека е следбеник на црковното учење.

Правила од средновековието

Разводот е еден од најголемите „гревови“ што може да го направи некој вработен во црковните институции и исто така може да биде доволна причина за отказ. Ситуацијата е уште полоша доколку лицето се одлучи да живее со нов партнер во т.н. „див брак“. Работното место може да биде доведено во прашање дури и доколку синот или ќерката на некој од вработените се соочува со брачни проблеми. Други „големи гревови“ поради кои вработените со сигурност би завршиле на улица се хомосексуалноста и абортусот...

Сепак, ваквите проблеми воопшто не ни биле разгледувани од страна на Сојузниот суд пред донесувањето на пресудата. Судската одлука се однесува само на тоа дека во иднина синдикатите ќе може да ги следат преговорите помеѓу работодавачот и вработените. Доколку работодавачот не ги исполни бараните услови, работниците во црковните институции ќе имаат право своето незадоволство да го изразат преку штрајк.

Papstbesuch Erfurt Augustinerkloster
Фотографија: DW

Управата на синдикатот за услужни дејности „Вер.ди“, кој во судскиот спор се јави во улога на тужител, е задоволна од одлуката бидејќи во иднина ќе има членови и од црковните институции. Иако претходно се закануваа со спроведување на случајот и пред Уставниот суд, сега претставниците на црквата се задоволни од одлуката. Всушност и покрај учеството во разговорите, синдикатите многу тешко ќе може да ги наметнат своите барања бидејќи претставниците на вработените и натаму имаат ограничени овластувања. Со други зборови, дури и по пресудата во Ерфурт црквата и натаму ќе ја користи „третата можност“.