1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Впуштај се само во финансиски бизниси кои ги разбираш!

Кај Бандерман24 октомври 2008

Кризата на финансискиот систем погоди и повеќе германски општини кои се впуштија во зделки што од самиот почеток изгледаа несигурни и дубиозни, но ветената добивка беше толку примамлива, што сепак се залетаа.

https://p.dw.com/p/FfSG
Турбуленциите на берзите се идразуваат врз зделкитеФотографија: picture-alliance/ dpa

Пред пет години градот Бохум ја продаде својата целокупна канализациона мрежа на група американски инвеститори и истовремено веднаш ја зеде мрежата под наем. Тој таканаречен кросбордер-лизинг требаше да донесе 20 милиони евра во празната градска каса. Американското даночно право им овозможи на инвеститорите да остварат енормна добивка во својата татковина, а дел од тој профит доби и Бохум. Но, првично примамливата зделка сега станува скапа. „Трошоците со кои сме актуелно соочени ќе изнесуваат преку еден милион. Натамошни бројки не можам да наведам, оти тоа би било шпекулација“, вели Манфред Буш, надлежен за градските финансии. Во такви бизниси се впуштија и други градови во покраината Северна Рајна Вестфалија - Реклингхаузен, Гелзенкирхен, Вупертал. Дортмунд ги користи на лизинг спортската хала и метрото, Дуизбург ја продаде и сега ја користи под наем трамвајската мрежа.

Горка лекција за општините

Зделките во повеќе случаи требаше да ги осигура токму инсолвентниот американски осигурителен џин АИГ. Сега градовите мораат во рок од 90 денови да најдат друго осигурително друштво како замена за АИГ. Секако ќе успеат во тоа, но нив и нивните граѓани скапо ќе ги чини, смета Штефан Паул, финансиски експерт од Рур-универзитетот во Бохум. „Во игра се околу 10 до 20 проценти од првобитно очекуваната добивка од тие зделки. Ако, на пример, една комуна планирала добивка од 20 милиони, под прашање се доведени до два милиона или и уште повеќе“, вели Паул.

Се’ уште никој не знае конкретно колкави ќе бидат на крајот штетите во покраината, дотолку повеќе што можат да се надоврзат натамошни ризици од кризата на пазарот на финансии. Така, десетици општини и комунални претпријатија купија обврзници од банкротираната американска инвестициона банка Лимен брадерс и сега се надеваат дека Германскиот фонд за осигурување на влоговите ќе помогне и ќе го спречи најлошото. Излетот во големиот и блескав финансиски свет во секој случај за нив е горка лекција. Поради тоа, советот на Штефан Паул за во иднина гласи: „Купувај или прави ги само оние финансиски бизниси, кои и самиот ги разбираш“.