1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во што веруваат Германците?

Штефан Деге / Елизабета М. Фиданоска14 април 2013

Историчарот Томас Гросбелтлинг од Минстер го истражува верскиот живот во Германија. Неговиот заклучок гласи: „Веќе нема христијанска Германија.“

https://p.dw.com/p/18CNa
Фотографија: picture-alliance/dpa

Скршен ветроказ во облик на петел каков што обично може да се види на христијанските цркви во Германија - така изгледа насловната страница на новата книга на Томас Гросбелтлинг „Загубено небо - верата во Германија од 1945“. Професорот по историја на универзитетот Минстер во книгата заклучува дека политиката мора да реагира на новата верска разноликост во Германија. На големите христијански цркви пак, им се советува да пронајдат попогоден и посовремен начин за комуникација со верниците.

Напуштањето на црквата не значи и неверство

Христијанските цркви во Германија бележат драматично губење на членството. Во 1950-тите на католичката и на протестантската црква и‘ припаѓале 95% од Германците, а денес членови се само две третини, со тенденција на натамошно опаѓање на бројот. Други верски заедници се се‘ позастапени, а пред се‘ исламот. Најбрзо се зголемува сепак групата на оние кои не припаѓаат на ниту една верска заедница, што не смее да се меша со неверниците.

Porträt - Prof. Dr. Thomas Großbölting
Томас ГросбелтлингФотографија: privat

Што бараат луѓето денес? Дали потребата за трансценденција ја задоволуваме, како што е случај во САД, во „верски супермаркети“? Не, тврди Гросбелтлинг. Католичките и протестантските „одметници“ често не наоѓаат организирани алтернативни понуди и поради тоа остануваат главно „без вероисповед“. Токму тоа е предзвикот за големите христијански цркви, смета историчарот. “Тие треба сопствената верска понуда да ја направат повидлива.“ Христијанството стана само еден од бројните патишта за барање одговор за смислата и начинот на обликување на неделните слободни активности, вели Гросбетлинг и додава дека оваа нова улога црквите не знаат да ја исполнат.

Германската држава и црква се (пре)тесно поврзани

Тоа, нагласува професорот од Минстер, е и една од причините што во Германија може да се регистрираат се‘ повеќе верско-политички конфликти, како што беше на пример неодамнешната расправа околу одбивањето лекарски третман за силувана жена во две келнски католички болници или околу правото на штрајк на вработените во црквата, дискусијата за обрежување на момчињата или бесплатното делење на Коранот од страна на салафистите.

Buchcover - Der verlorene Himmel von Thomas Großbölting
Корицата на книгата на Гроцбелтлинг „Загубено небо - верата во Германија од 1945“Фотографија: Vandenhoek&Ruprecht

„Црквите и политиката ноторно ја потценуваат потребата од дејствување“, предупредува Гросбелтлинг. „Тие промените ги регистрираат дури тогаш кога тие ќе се претворат во проблем.“ И покрај верскиот плурализам кој владее во општествто, Германија е далеку од тоа да ги третира сите верски заедници рамноправно.

Така, муслиманите и покрај тоа што нивниот број постојано расте, се политички запоставени, нагласува Гросбелтлинг. Причината за тоа е што црквата и државата се‘ уште се претесно поврзани. „Многу работи се задржани - црковниот данок, веронауката во државни училишта, местата на претставници на црквите во управните одбори на медиумите.“ Германија, тврди Гросбелтлинг, има државен закон за црквата, а би требало да има државен закон за верата кој наново би ги регулирал односите на државата и црквата.

Еднакви права за сите

„Само ако државата има еднаква дистанца кон сите верски заедници може од сите подеднакво да бара да се држат до правото и законите“, вели историчарот. Тоа ќе значи и дека треба да им дава на сите еднаква поддршка.

Гросбелтлинг апелира до исламските заедници во Германија кои досега не функционираат на принцип на формално членство да се организираат подобро, за да можат правно и политички поефикасно да дејствуваат во германското општество. Историчарот од Минстер за видлив напредок го смета воведувањето на исламска веронаука во германските државни училишта, а смета дека не би било лошо и воведување државни исламски празници во Германија.