1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Црна Гора се’ уште се пука (само) за машко

Мустафа Цанка/Борис Георгиевски7 јануари 2013

„Нека е живо и здраво... и машко“, е изреката која се уште важи при раѓање на дете во Црна Гора. Официјалните податоци говорат дека во последните пет години се бележи благ пад на бројот на абортусите во земјата.

https://p.dw.com/p/17FCK
Фотографија: Fotolia/swed

Во земја која има само околу 650 илјади жители, според податоците на Министерството за здравство секоја година абортираат околу 1.300 жени. Но, во невладините организации кои се занимаваат со оваа проблематика укажуваат на фактот дека постојано се зголемува бројот на гинеколошки ординации, а само една има официјална дозвола за абортуси.

Злоупотреба на ултразвукот

Директорката на „Сигурна женска куќа“ во Подгорица Лилјана Раичевиќ за ДВ вели дека има и злоупотреби на ултразвукот. Како доказ наведува дека едно лице на кое бил вршен притисок да изврши абортус затоа што претходно раѓала женски деца.

„Имавме неколку драстични случаи кога мажот не и дозволуваше на жената да дојде со детето дома, па таа мораше подолго време да остане во болница или да дојде кај нас“, вели Раичевиќ.

Неодамна сведочеше една жена со четири ќерки која рече дека секој пат кога имала преглед и кога ќе се утврдело дека носи ќерка, била под голем притисок да абортира, иако била во одмината бременост. Но, таа тоа го одбивала.

Раичевиќ укажува на случаи кога овој феномен е многу изразен.

„Тоа е особено изразено во семејства каде имаат големо наследство, и каде машкото дете се смета за единствен наследник. Знаеме случаи кога мажите се разведувале од таквите жени и стапувале во брак со друга жена која би можела да роди машко дете“. Сепак, младите брачни парови се’ поретко подлегнуваат на таков притисок.

Успесите ја уриваат традицијата

И познатата активистика за човекови права Хадиџа Ѓоновиќ вели дека забрзано се менува досегашната традиција, бидејќи се’ почесто се увидува дека женските деца им носат повеќе љубов на родителите.

Symbolbild Geschlechterselektion in der EU
Фотографија: Gent Shkullaku/AFP/Getty Images

„Ми се чини дека родителите се далеку повеќе горди и среќни кога имаат женски деца отколку кога имаат синови, бидејќи оценуваат дека тие се во состојба на родителите да им пружат повеќе љубов и поддршка и дека се поблиски со нив“, вели Ѓоновиќ.

Таа додава дека во разбивањето на предрасудите многу придонеле успесите на црногорските спортистки, особено на ракометарките кои неодамна станаа европски првенки. Цела Црна Гора беше многу горда на своите „лавици“ и тоа се смета за најубав настан во земјата во минатата година.

Но традицијата се’ уште не се предава. Па така, во Црна Гора се пука од пиштол кога ќе се роди момче, но многу ретко кога на свет ќе дојде девојче.