1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во хрватската економија „паѓа се’ што не треба да паѓа“

Гордана Симоновиќ / Александар Методијев21 јуни 2012

Хрватската влада постојано најавува реформи, но никако да почне да ги применува, сметаат бизнисмените. Не постои ниту согласност дали на помош треба да се повика ММФ, бидејќи добро е познато што тој ќе побара.

https://p.dw.com/p/15ITi
Фотографија: Fotolia/P.Fleet

На Хрватска оваа година за наплата и’ доаѓаат 13 милијарди евра долг кон странство, а економските показатели покажуваат дека државната каса е се’ попразна. Така, во првиот квартал од годинава БДП падна за 1,3 проценти, извозот се намали за 21 процент, а потрошувачката падна за 7,8 проценти. Паѓа се’ што не треба да паѓа, веќе забележаа економските експерти.

Zoran Milanovic
Хрватскиот премиер Зоран Милановиќ добро знае што ММФ и’ забележува на ХрватскаФотографија: DW

Владата на премиерот Зоран Милановиќ во првите шест месеци од мандатот не беше доволно решителна во спроведувањето на реформите – тоа е општото стојалиште на претприемачите и економските аналитичари. Во хрватската влада само министерот за финансии Славко Линиќ, уште во предизборната кампања, се осмели да спомене можен договор со ММФ. Но, владата ја отфрла таквата можност, бидејќи тврди дека Хрватска „има и знаење и способност и одлучност самата да го спроведе она што од неа би го побарале ’финансиските полицајци’“.

„Погледнете ја Србија“

Анте Бабиќ спаѓа меѓу оние хрватски економски аналитичари кои тврдат дека земјата уште во 2009-та година, кога економијата потона за 6 проценти, требало да склучи аранжман со ММФ. Тоа Хрватска тогаш не го направи, но го стори Србија, која од 2010-та година има континуиран економски раст.

Така, оваа соседна земја треба и оваа година да ја заврши со БДП поголем од два проценти, додека во Хрватска би се отворило шампањско, доколку БДП биде барем за нешто над нула. Бабиќ смета дека ММФ со три милијарди евра би ја вратил Хрватска на ниво од 2007-ма година, кога се регистрирани најмногу странски инвестиции.

Што се однесува до поттикнувањето на српската економија, професорот на загребскиот Економски факултет Љубо Јурчиќ смета дека тоа нема врска со ММФ, освен што ММФ со своето присуство дал позитивен сигнал за инвеститорите.

14.04.2008 DW-TV Journal Wirtschaft Minireportage Zastava
Србија практично му подари големи средства на Фиат, за да ја спаси својата ЗаставаФотографија: DW-TV

„Србија е најмалку задолжената држава во Европа. Нивниот резултат е поради ориентираноста кон економска политика која се темели на големи субвенции за вработување и поевтини комуналии и работна сила отколку во Хрватска. Во капиталните вложувања исто така кофинансираат, па на Фиат му ја дадоа целата инфраструктура и 10.000 евра по вработено лице“, забележува професорот Јуриќ.

Тој смета дека српскиот модел не е применлив во Хрватска, како што кинескиот не е соодветен во Србија. Професорот забележува дека хрватската влада нема никакво решение за искористувањето на постоечките ресурси, а нема ниту долгорочна економска политика. „Секој ден гледаме импровизации и обиди за спасување од денес за утре“, нагласува професорот Јуриќ.

Да се чека веќе не се може

Internationaler Währungsfonds Weltbank Frühjahrstagung 2012
ММФ и Светската банка имаат стара и добро позната листа на барањаФотографија: Reuters

Консултантот Дамир Новотни смета дека ММФ во некои сегменти може и да помогне, но смета дека Хрватска најпрво за помош треба да се обрати во Европската комисија. Хрватскиот дефицит е шест, наместо пропишаните три проценти.

Според главниот аналитичар во Привредна банка Загреб и поранешен гувернер, Марко Шкреб, парадоксално е, но и добро, што веќе нема место за одложување на реформите, бидејќи тој смета дека не постојат мерки кои преку ноќ ќе и’ помогнат на Хрватска. Свое мислење на оваа тема има и професорот Славко Кулиќ, кој смета дека „нема смисол да се поттикнува хрватската економија, бидејќи мртов коњ не може да стане“.