1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Украина се исцртува можна победа на про-западните демократски сили

1 октомври 2007

По преборјувањето на една третина од гласовите на вчерашните предвремени парламентарни избори, во тесно водство е опозициониот блок под раководство на Јулија Тимошенко.

https://p.dw.com/p/BlVL
Можен победник: Јулија Тимошенко пред гласачката кутијаФотографија: AP

Опозициониот блок на Јулија Тимошенко за сега има 33,17% од гласовите, соопшти Изборната комисија утринава во Киев по пребројувањето на една третина од гласовите. Веднаш зад него со тесна разлика е Партијата на регионите на актуелниот премиер Виктор Јанукович. Третата најсилна партија е онаа на претседателот Виктор Јушченко, која според Изборната комисија за сега има околу 16% од гласовите.

Јулија Тимошенко уште во изборната ноќ најави дека има намера да влезе во коалиција со партијата на претседателот Јушченко. Таа му се обрати на Претседателот со барање да го поддржи создавањето коалиција на демократските сили во парламентот и да преземе формирање на органите на власта.

Доколку се продолжи сегашниот тренд во изборните резултати, тогаш поранешните соборци од портокаловата револуција во 2004-та Тимошенко и Јушченко би можеле да создадат нов владин сојуз. Голема е веројатноста дека при тоа би биле упатени и на трет коалиционен партнер во новата влада. Како можни партнери се сметаат Блокот на поранешниот претседател на парламентот Владимир Литвин, чија партија располага со околу 4% од гласовите и Социјалистичката партија, со нешто повеќе од 3 проценти. Преку границата од 3% за влегување во парламентот за сега се и комунистите, но партиите на про-зпадниот блок демократски сили ја исклучуваат можноста за соработка со комунистичката партија на Украина.

Експертите меѓутоа предупредуваат дека треба да се причекаат конечните резултати, бидејќи трендовите при преборјувањето можат уште многу да се сменат. Причина за тоа е силна регионална поделеност на избирачите. На западот на Украина голема поддршка уживаат про-западните сили, како партијата на водачот на опозицијата Јулија Тимошенко, додека на истокот поголема поддршка ужива про руски настроениот актуелен премиер Виктор Јанукович.