Во Талин презентирана македонската култура
6 ноември 2011И покрај големиот број културни настани кои се случуваат во Талин, Ансамблот за народни игри и песни „Танец“ синоќа целосно го привлече вниманието на естонската јавност. Во распродадената сала, пред повеќе од 2000 присутни граѓани на Талин, претставници на дипломатскиот кор, поранешниот претседател на Естонија Арнолд Рутел, познати уметници и интелектуалци на Естонија и други високи гости, македонскиот амбасадор на културата беше испратен со овации и бурен аплауз. Пред публиката во реномираната концертна сала „Нокиа“ „Танец“ ги понуди сценските адаптации на „Тешкото“, „Седенка“, „Малешевка“, „Беломорски“ и „Драчевка“, а преку изведбата на македонските ора го пренесе најубавото, исконското, непроценливото македонско фолклорно богатство кое претставува идентитет и историја на македонскиот народ.
Покрај настапот на Ансамблот за народни игри и песни „Танец“ синоќа во рамките на „Деновите на македонската култура“ , концерт во клубот „Балоу“ во Талин одржаа Кирил Џајковски и неговиот бенд.
„Македонската култура продира во светски размери, а ние како Министерство за култура изминатиов период направивме многу за меѓународна промоција на културата, преку проекти и настани. Ќе се трудиме и во иднина да продолжиме во оваа насока бидејќи имаме што да покажеме, имаме што да претставиме пред светската јавност“, изјави синоќа министерката Елизабета Канческа – Милевска по завршувањето на концертот на ансамблот „Танец“ во концертната сала „Нокиа“.
Автор:СН/ЖА/миа
Редактор: Ж. Ацеска