1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Скопје се разговара за иднината на европската атлетика

Златко Калински13 април 2013

Скопје викендов е домаќин на 23-от Конгрес на Европската атлетска асоцијација. Водечките личности на ЕААФ и претседателите и генералните секретари на 50-те земји-членки, веќе претстојуваат во главниот град на Македонија.

https://p.dw.com/p/18FMC
Фотографија: Fotolia/Goran Bogicevic

Резултатски, македонската атлетика е на маргините на европските збиднувања, организционо прави голем исчекор со фактот дека исклучително значајниот собир , на кој се решаваат виталните проблеми на атлетиката се одржува во Скопје. Крсто Серафимовски, претседателот на Атлетската федерација на Македонија за Дојче веле открива детали околу добивањето на организацијата на Конгресот на ЕААФ:

„Лобирањето го започнавме од поодамна, уште во минатата година. Верувавме дека сме кадри да се фатиме со овој предизвик. Се исплатеше. Наидовме на целосно разбирање од страна на водечките луѓе на европската атлетика. Но, морам да кажам дека ги искористивме и традиционално добрите релации, особено со земјите од регионов, кои придонесоа да го добиеме Конгресот. Како атлетска федерација, горди сме на организирањето на еден ваков настан.“

Сашко Манаковски, претседател на Организацискиот одбор на Конгресот на ЕААФ, смета дека е ова можност да се подотвори вратата за излез и на македонската атлетика од многу незавидната состојба во која се наоѓа:

„ Организацискиот апарат работеше напорно за да ги обезбедиме потребните стандарди за одржување на Конгресот. Исклучително високо е рамништето на овој атлетски самит, за да си дозволиме каква и да било импровизација за време на неговото одржување. Среќен сум, што нема никакви забелешки од канцеларијата на ЕААФ. Ќе се обидеме да ја покажеме и нашата традиционална гостопримливост. Се надевам, дека тоа ќе биде препознаено и дека ќе ни се врати на начин, кој ќе значи поддршка од ЕААФ за подобрување на условите во кој опстојува македонската атлетика.“

Sasko Manakovski Präsident des Organisationskomitee des EAAF European Athletis Federation Kongresses in Skopje
Сашко Манаковски, претседател на Организацискиот комитет на Конгресот на ЕААФФотографија: DW/Zlatko Kalinski

Главната дебата на Конгресот започна вчера со учество на големи имиња на светската и европската атлетика. Дел од романската делегација е екс- светската и олимписка шампионка Габриела Сабо. Во составот на Естонија е некогаш славниот десетобоец, Ерки Ноол, Ерменија ја претставува сеуште европскиот рекордер во скок во далечина Роберт Емијан...! Допатува и едно од најголемите имиња на Британската атлетика, Колин Џексон, поранешен светски рекордер на 110 метри со пречки, кој ќе има своја презентација на проектот за млади „Се одважив да сонувам“.