1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во преговорите со Иран нема напредок на повидок

ЖА/дв/афп/ртре6 април 2013

Очекувањата на последниот ден од преговорите за атомската програма на Иран се минимални. Сепак, меѓународната заедница и натаму прави напори за приближување на ставовите.

https://p.dw.com/p/18Axd
Фотографија: Ilyas Omarov/AFP/Getty Images

Претставниците на шесте големи сили (петте ОН-вето сили плус Германија) и Иран денеска (06.04) во казахстанаската престолнина Алмати ги продолжија преговорите започнати вчера, со мали шанси за постигнување договор за долгогодишниот спор, кој се заканува да прерасне во криза слична на корејската.

Преговарачите првиот ден од разговорите вчера во Алмати не успеаја да ги надминат меѓусебните разлики, исто како и во претходниот круг од преговорите, исто така одржан во главниот град на Казахстан во февруари годинава.

Земјите од таканаречената група „пет плус еден“, односно петте постојани членки на Советот за безбедноста при Обединетите нации, САД, Русија, Кина, Велика Британија, Франција плус Германија ги започнаа дводневните преговори вчера утрото.

На претходниот состанок, групата „пет плус еден“ ја изнесе понудата којашто предвидува „суспендирање“ а не како досега „прекинување“ на активностите на облагородување на ураниумот во нуклеарните постројки во Иран. За возврат тие предложија ублажување на некои од санкции коишто се однесуваат на тргувањето со злато и во петрохемискиот сектор.

Шефот на иранската преговарачка делегација, Саид Џалили вчера порача дека Иран не е подготвен на отстапки во поглед на неговото суверено право да облагородува ураниум за, како што тврди, цивилни цели - за производство на електрична енергија, додека Западот стравува дека со тоа се приближува до можноста за скоро време да добие нуклеарно оружје.

Високата претставничка за надворешна политика на ЕУ Кетрин Ештон (на фотографијата со иранскиот преговарач Саед Џалили) пред средбата изјави дека од Иран се очекува јасен одговор во однос на предлозите на Западот. Американското министерство за надворешни работи во Вашингтон пак, соопшти дека во Алмати се „отворени важните прашања“, што претходно не бил секогаш случај.

Ако преговорите во Казахстан пропаднат, на Иран му се закануваат натамошни санкции. Во Израел пак, со месеци се дебатира околу евентуален воен удар против иранските атомски постројки. Американскиот претседател Барак Обама на неодамнешната посета во Израел истакна дека САД нема да прифатат атомско вооружен Иран, но дека се‘уште постојат шанси за дипломатско решение.