1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во пожар во Аризона загинаа 19 пожарникари

БГ/миа1 јули 2013

Бројот на загинатите пожарникари е најголем во последните 80 години. Огнената стихија и натаму е надвор од контрола, а ја предизвикаа високите температури во западните делови на САД

https://p.dw.com/p/18zDL
Фотографија: picture-alliance/AP

Најмалку 19 пожарникари од елитната единица на државата Аризона загинаа при гасење на брзо движечки пожар, што уништи 200 куќи и доведе до евакуирање на два мали града североисточно од државната престолнина Феникс.

Ова е најголем број жртви меѓу пожарникари при гасење на единечен пожар во САД во последните 80 години. Во 1933 година 29 пожарникари загинаа во пожарот во градскиот парк Грифит во Лос Анџелес.

Загинатите биле дел од специјално обучен одред, што вообичаено пристигнува прв на местото на пожарот и помага во ограничување на неговото ширење. Тие презеле мерки за ограничување на пожарот, но расположливата опрема не ги задржала силните пламени јазици, откако силните ветрови драстично го промениле правецот на пожарот. Пожарникарите кои пристигнале подоцна не успеале да ги спасат своите колеги.

Претседателот на САД Барак Обама им ирази сочувство на семејствата на 19-те загинати пожарникари. Тој изјави дека пожарникарите биле херои и високо квалификувани професионалци, кои според негови зборови „застанале на патот на смртната опасност, за да ги заштитат животот и сопственоста на своите сограѓани, со кои никогаш нема да се сретнат“.

Пожарот во Аризона избувна во момент на рекордно високи температури во западниот дел на САД, регистрирани за време на викендот. Во Долината на смртта во државата Калифорнија е регистрирана температура од 54 степени.