1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Неум како во кошница

Милан Шутало/ Симе Недевски24 август 2013

Во Неум единствениот град на Јадранското Море во БиХ е преполно. Во хотелите се странски туристи, а во поефтиното приватно сместување се домашните туристи, кои поради влезот на Хрватска во ЕУ годинава се далеку побројни.

https://p.dw.com/p/19Ve2
Фотографија: DW

Во јули, месецот на Рамазан, во Неум имаше малку домашни гости. Турканицата на плажите започна по рамазанскиот Бајрам. Давор Крешиќ, претседател на туристичките работници на Неум вели дека во хотелите има 90 проценти странски и 10 проценти домашни гости, кои главно летуваат во, значително поефтино, приватно сместување.

„Меѓу останатите туристи највеќе се Полјаци. Има и Чеси, Унгарци, Французи, нешто помалку Шпанци, Израелци, Руси, од сѐ по малку“, вели директорот на хотелот Зенит, Иван Лакиќ за ДВ. Тој се жали, меѓутоа, дека плажите пред хотелот се полни со домашни гости, кои парите ги оставаат во приватни пансиони. Поголемиот број домашни гости во Неум стигнале преку територијата на БиХ, по тесен, крив, 50 километри долг пат, преку Свитава.

На Ермин скапо, на Харим ефтино

„Зошто преку Свитава? Па затоа што немам пасош. А да знаев немаше да дојдам“, вели разочарано Ермин од Зеница, додека себеси и на друштвото му става кафе од термос. Вели дека цените се високи како во Хрватска.

Neum
Фотографија: DW

Зошто тогаш да се доаѓа во ваква турканица? „Сега и никогаш повеќе“, луто одговара Ермин. Во Неум, преку Свитава, дошле и Енес и Амра од Високо. Сакаат да поминат 2 дена на море: „Поради детето не можеме повеќе“, вели Амра. „А детето остана дома“, додава сопругот Енес. Велат дека во Неум им е „навистина убаво“.

И на Харим и неговата сопруга Мелиса, кои во Неум дошле преку Бања Лука, преку Хрватска, односно преку граничниот премин Долјани, им се допаѓа во Неум. Она што е за Ермин скапо, за Харим е ефтино.
„Па не е скапо, поефтино е отколку во Бања Лука, кога е во прашање, храната и сѐ останато“, вели Харим. Вели не донеле храна од дома, туку само пари. Храна купуваат во самопослуга, а се сместени приватно.
„Навистина е поволно, 60 конвертибилни марки (30 евра) плаќаме за нас двајцата и две деца“, вели Харим, на кого не му пречи турканицата на плажа.

Без пасош- преку Свитава

Локалните жители на предградијата на Неум велат дека секое утро и предвечер, за само еден час, по патот преку Свитава, Храсан и Хунтов, кон Неум и од Неум поминуваат повеќе од 400 возила со босански регистрации.

Да се издвојат 160 марки за биометриски пасоши, за четворочлено семејство, за да летуваат во Хрватска, се чини дека за поголемиот број граѓани на БиХ, кои се меѓу најсиромашните во Европа, е голем трошок. Затоа се возат по лош пат преку Свитава за да можат со заштедените пари од биометриски пасоши да поминат неколку дена на море во Неум.
„Ние сме тука генерално изолирано место. Тој пат преку Свитава, не е пат тоа е козја патека, видовте и самите како изгледа“, вели претседателот на туристичките работници на Неум. Додава дека не е чудно што Неум е изолиран од Хрватска, бидејќи тоа е друга држава, од неодамна членка на ЕУ, но не е, додава, норамално што сообраќајно Неум е изолиран од БиХ, а е единствениот излез на државата на море.
„Годинешната сезона ќе биде 5 до 6 проценти подобра од минатогодишната. А да сме, со нормален пат, со две нормални ленти поврзани со остатокот од земјата, финансиски би имале многу подобри резултати, бидејќи и од БиХ би ни доаѓале побогати туристи“, вели Крешиќ.

Bosnien Bosnische Adria-Küste Neum
Фотографија: DW