1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во НАТО со многу желба и малку пари

23 август 2009

Македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов засега нема да го смени началникот на Генералштабот на АРМ, генерал потполковник Мирослав Стојановски, иако со него има различно мислење за динамиката на реформите во армијата.

https://p.dw.com/p/JGgh
Фотографија: Petr Stojanovski

Генералот Мирослав Стојановски во понеделникот (17.08.2009), во говорот по повод денот на АРМ, јавно упати критика дека премалку се вложува во модернизирањето на армијата и зачувувањето на стандардот на вработените во армијата. Министерот за одбрана Зоран Коњановски веднаш возврати изјавувајќи дека парите се толку и тие се употребуваат според планираното. Меѓутоа, остана чувството дека реформите во армијата и одбранбениот сектор како да паѓаат во втор план, пред реформите во образованието, земјоделието, здравството....

Армијата бара промена на односот

Се‘ уште се во свежо сеќавање одземените 20 милиони евра, со ребалансот на буџетот на АРМ за 2007 година, што отидоа за потребите на тајната полиција. И тогаш, во парламентот имаше жестока расправа, но предлогот на владата мина кај пратениците. Пролетва, со првиот ребаланс, од одбраната повторно се одзедоа околу 20-тина милиони евра, или од првично планираните 99 милиони евра за непреченото функционирање на АРМ со ребалансот беа оставени 81 милион евра. Сега, со новиот ребаланс што се очекува до крајот на месецот, се чини, повторно ќе има кастрење на средствата за одбраната.

Soldaten der Mazedonischen Armee
Армијата има висок рејтинг меѓу граѓаните и висока доверба за степенот на реформитеФотографија: Petr Stojanovski

Тоа, се чини, силно го погоди трпението на армиските старешини, кои преку нивниот најистурен член побараа промена на односот кон оваа институција која отсекогаш имала висок рејтинг меѓу граѓаните и висока доверба за степенот на реформите.

Ако се потрошат парите, ќе се потроши и ентузијазмот

Факт е дека во изминатите години, со ребаланс на буџетот се повлекувани финансиски средства наменети за модернизација, опремување и унапредување на состојбите на армијата во Македонија. Доколку не се инвестира во некоја институција тогаш, сигурно, ентузијазмот на вработените ќе се потроши, оцени генералот Стојановски: „Кога некоја институција е успешна можеби не се води сметка толку за тоа што ќе се случи во блиска иднина доколку се продолжи со еден ваков тренд и една успешна институција може веќе и да не биде тоа. Затоа, мислам дека ќе се направи се‘ што е потребно во овој период да не се успоруваат реформските процеси во армијата на Република Македонија, да не се запира процесот на модернизација во армијата на РМ и, она што е многу поважно, а што влијае на народот и мотивираноста на припадниците на армијата, е да се поведе повеќе сметка за подобрување на условите на живот и работа на припадниците на армијата во касарните“, изјави Стојановски ден пред Денот на АРМ - 18 август, во интервју за телевизијата А1.

Soldaten der Mazedonischen Armee
Армијата бара да се поведе повеќе сметка за подобрување на условите на живот и работа на нејзините припаднициФотографија: Petr Stojanovski

На тоа веднаш одговори министерот Зоран Коњановски кој оцени дека парите се броени, и дека Министерството за одбрана, ако има потреба, повторно ќе се обиде да направи некакви заштеди во одбраната со цел да и‘ помогне на македонската економија.

Реформите на армијата и полицијата треба да одат паралелно

Професорката на Институтот за одбранбени и мировни студии д-р Лидија Георгиева смета дека прашањето, или проблемот околу тоа колку се вложува во поддршката на овие реформи, може да се толкува од различен аспект. Едниот аспкет е споредбата со другите буџетски корисници, како образованието или здравството, на пример, со кои одбраната сега на располагање има исти средства од внатрешната распределба на средства од буџетот. Но, вели таа, имајќи го предвид регионалниот аспект, тогаш слободно може да се каже дека Македонија одвојува само 1,4 отсто од средствата што за одбраната ги одвојува Словенија, или 1,3 во Хрватска.

„Има споредба со буџетот со кој располага државата, реформите се поткрепени, но дали тоа ќе биде доволно за планот којшто го предвиде Владата за 2009-2018 година? Значајно е да се има предвид дека овие реформи мора да бидат финансирани соодветно за да бидат ефикасни и успешни, а од друга страна пак, сметам дека паралелно треба да се одвиваат реформите и во полицијата и во армијата за да се има ефикасен безбедносен сектор. Ова дотолку повеќе што веќе се констатира дека нивната соработка и воопшто во современите армии и воопшто во современите меѓународни мисии е неопходна“, вели Георгиева од Институтот за одбранбени и мировни студии.

Hubschrauber der Mazedonischen Armee
За НАТО треба да се биде добро подготвенФотографија: Petr Stojanovski

Чуден однос кон одбраната?

Поранешниот министер за финансии м-р Никола Поповски, пак, во чие време се воведе одредбата за издвојувањ е на 2,3 отсто од брутодомашниот производ за армијата, смета дека владата на Груевски во последните три години има чуден однос кон одбраната, намалувајќи го износот на средства од 2,3 од БДП на сегашните под два отсто.

„Очигледно дена опременоста на армијата паѓа под стандардите на НАТО, и тоа во рамките на НАТО. Така што, не верувам дека таа состојба е долгорочно издржлива. Владата, парите од армијата очигледно ги насочува во други ресори - да речеме во министерството за внатрешни, образование, земјоделие, сакајќи да постигне политички кредит пред други групи на граѓани, меѓутоа загрозува витални интереси на државата“, објаснува Поповски и на крајот дополнува дека е можно Македонија при наредната оценка на постигнувањето во одбраната од страна на НАТО освен името, да добие уште еден услов, а тоа е соодветно финансирањето на армијата.

Автор: Сашко Димевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска