1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Македонија недостасуваат квалификувани кадри

Антоанела Димитриевска 20 октомври 2012

Во Македонија недостасуваат бравари, монтери, оператори на тешка градежна механизација и на кранови, металостругари... Проблемот особено ќе се заостри за четири-пет години кога постарите кадри ќе заминат во пензија.

https://p.dw.com/p/16Tmy
Фотографија: DW

На пазарот на работна сила во Македонија недостасува квалификуван кадар, покажува анкетата што ја спроведува Стопанската комора на Македонија во преработувачката индустрија. Целта на анкетата која продолжува во градежништвото, текстилната и дрвнопреработувачката индустрија е да се направи целосен извештај за работната сила во Македонија.

„Согласно добиените податоци од 40-тина од вкупно 150  компании се констатира дека занимањата како заварувач, бравар, бравар-заварувач, машинобравари, монтери за висина, монтер, одржувач на водоинсталации и други конкретни занимања се дефицитарни. Некои од нив постојат во образовниот систем, но нема кадар на пазарот на трудот. Вработените имаат  недостаток на знаење и вештини, на работно искуство, а за некои работни места пак засега занимањата не постојат во образовниот систем“, потенцира Стојмирка Тасевска, виша советничка на УО на Стопанска комора на Македонија.

Ваквата појава се одразува и врз стопанството кое посочува дека проблемот со недостиг од квалификувана работна сила допрва ќе се зголемува и покрај големата пондуда на пазарот на труд. Тасевска појаснува: „При посетатат на некои од нашите членки  беше истакнато дека проблемот особено ќе се изостри по четири-пет години, откако во пензија ќе заминат постарите кадри, бидејќи младите повеќе сакаат да студираат отколку да работат како бравари и во други струки и занимања. Иако студирањето е поскапо од занаетот и потешко се наоѓа работа со факултетска диплома, сепак кога бираат меѓу индекс и шерафцигер, младите во Македонија се одлучуваат за првото“.

Symbolbild Handwerker Bauarbeiter Tischler Zimmermann Dachdecker Arbeiter Handwerk
Фотографија: Fotolia/Peter Atkins

Потребно е дополнително образование за усовршување на кадри

Недостигот од знаења и од вештини е клучниот проблем со кој се соочуваат компаниите кога треба да ангажираат соодветни работници, па оттука се наметнува потребата за дополнително образование, оспособување, усовршување, доквалификација и преквалификација. Најдефицитарна струка во металопреработувачката и во електроиндустријата е заварувач од сите типови, а заварувач на аргон воопшто го нема во образовниот систем во Македонија.

За надминување и побрзо решавање на проблемот со немање на квалификуван кадар во Македонија веќе се воведува систем на неформално образование. Целиот проект го координира Центарот за образование на возрасни, кој издава лиценци на сите што ќе поднесат програми за ваков вид едукација.

Стопанската комора во согласност со законот за образование има право да предалага одредени мерки, чија цел е да обезбеди стручен кадар во бизнис заедницата. Оттаму потенцираат дека ќе продолжат со одредени предлози и барања за измени на формалното образование во согласност со потребите на пазарот, иако првично планираат да дејствуваат преку неформалното образование.

Тасевска смета „фирмите кои имаат недостиг од стручен кадар треба сами да се организираат и обезбедат стручна надградба за потенцијалните работници доколку тоа не можат да го најдат на пазарот на трудот“.

Symbolbild - Bauarbeiter
Фотографија: Fotolia/ auremar

Бесплатни обуки за невработените

Во Агенцијата за вработување на Република Македонија во писменото известување за ДВ меѓу другото  потенцираат „беслатните програмите за подготовка за вработување, обука, преквалификација, доквалификација кај познат работодавач, обука за одделни занимања кои се дефицитарни на пазарот на трудот, од нивната досегашна реализација може да се заклучи дека се многу интересни и посетени од невработените лица во Македонија“.

Според евиденцијата на Агенцијата за вработување во Македонија се евидентирани 251.817 невработени лица, а речиси 50% од нив се неквалификувани и полуквалификувани лица кои заради недоволните квалификации тешко можат да најдат работа.

И покрај бројните јавување и дописи од ДВ до Министерството за образование и наука, за жал оттаму не добивме писмен одговор што на овој план прави надлежното министерство за надминување на проблемот со недостиг на квалификувани кадри. И воопшто за заинтересирање на младите во Македонија да се запишуваат во училишта за дефицитарните струки и занимања, а со кои потоа полесно можат да си најдат работа.