1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во лов на поларната светлина

Х. Вебер/ С.Недевски21 јануари 2014

Тромсе, град одалечен од поларниот круг само 340 километри, е едно од местата од кои најдобро може да се види една природна атракција. Шансите да се улови поларната светлина се најголеми зиме, од јануари до март.

https://p.dw.com/p/1AnyL
Фотографија: picture-alliance/dpa

Навечер, кога во Тромсе во северна Норвешка ќе падне мрак, во градот станува немирно на сосем специфичен начин. Тогаш се особени будни туристите. Со автобуси ги носат во околината на градот. Нивна цел е да откријат поларна светлина.
И Карина Вајншенк секоја вечер со нејзиниот минибус заминува на тура по поларната светлина. Но, нема гаранција дека ќе се види. Сепак таа уверува дека ќе даде сѐ од себе.
Турата секогаш води надвор од градот, таму каде што е навистина мрачно и пред сѐ - каде што видикот не го попречуваат облаци.

„Кога фотографирате важно е да се фокусирате на планината. А таа е далеку. Ако на фотоапаратот немате опција „бескрајно“, едноставно фокусирајте ја планината. Ако ја имате со изострени контури, потоа ќе успеете добро да ја фотографирате поларната светлина.“ Вака Карина Вајншенк ја има фотографирано поларната светлина.

Tromsö
Норвешкиот град ТромсеФотографија: DW/I.Quaile

Никогаш не се знае

Ваквите фотографии ги поттикнуваат амбициите на туристите. Но речиси секому на почетокот му треба техничка помош.
А треба да се има и трпение и да се чека најважното-поларната светлина.

„Кога небото е ведро, некогаш можете да ја видите поларната светлина, но некогаш не. Тоа може да потрае 5 минути - што е најкусото времетраење на поларната светлина кое сум го доживеала - а може да трае и цела ноќ или неколку часа, или половина час...“, вели Карина Вајншенк.

И 200 километри јужно туристите се во лов на поларна светлина - на санки влечени од ирваси. Вакви излети нуди домородниот народ Сами. Но овој пат небото е покриено со облаци и паѓа снег.

„Паѓа снег, но никогаш не се знае. Можете ако сакате да ги стискате палците за среќа, зашто, на пример, минатата ноќ кога патувавме тука со санки исто така паѓаше снег. Но одеднаш небото се разведри и можеше да се види слаба поларна светлина. Затоа никогаш не се знае кога патувате надвор. Најважно е да бидете надвор, да останете надвор и да не седите дома.“, раскажува Роар Најхеим, Сами од кампот Тамок.

Доживување кое се исплатува

Planeten Sonnensystem Aurora Borealis
Фотографија: AP

Турата со санки со ирваси е завршена. Оваа ноќ немаше поларна светлина. Но многу туристи постапуваат како семејството Боуленд од Австралија - одат повеќе пати на таква тура.
„Дојдовме во Норвешка да ја видиме поларната светлина. Минавме една недела тука во Тромсе и бевме на 3 различни тури. Секоја тура беше поинаква и ја видовме поларната светлина. Беше многу спектакуларно и вистински уживавме. Бевме на излет со санки кои ги влечат кучиња, а вечерва и со санки со ирваси.“ , вели Хауард Баоуленд од Сиднеј.
И на Карина Вајншенк вечерва и’ е потребно трпение. Со својата група таа помина речиси 360 километри. На крајот сепак се исплатеше - барем малку.

„Секогаш и сама снимам фотографии, бидејќи многу луѓе имаат само дигитален фотоапарат, а со него не можат да направат убави фотографии. Затоа јас секогаш правам неколку и потоа им ги праќам на мејл на оние кои од различни причини не можеле да направат самите.“, вели Карина
Ловците на поларна светлина со Карина Вајншенк стигнаа до финската граница. По осумчасовна тура ќе се вратат во Тромсе во 3 часот наутро.