1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Либија убиен американскиот амбасадор

БГ/ап12 септември 2012

Американскиот амбасадор и тројца службеници ги загубија животите во синоќешниот напад врз конзулатот на САД во Либија. Причина за нападот е филм од американска продукција во кој се навредува пророкот Мухамед.

https://p.dw.com/p/167Ep
Фотографија: Reuters

Американскиот амбасадор во Либија и тројца службеници на американскиот Стејт Департмент ги загубија животите во нападот врз конзулатот на САД во либискиот град Бенгази. Поголема група вооружени луѓе ја нападнале зградата со гранати и автоматско оружје, а потоа и ја запалиле. Обезбедувањето на објектот возвратило на огнот, но според изјавите на либиски претставници, напаѓачите биле бројчано надмоќни. Амбасадорот и неговите соработници биле убиени откако врз нивното возило била испукана ракета во моментите кога ја напуштале зградата.

Американската државна секретарка Хилари Клинтон го осуди нападот.

„Некои се обидуваат да го оправдаат овој ужасен акт со предизвикувачки материјал поставен на интернет. Но, нема оправдување за ваков напад“, рече Клинтон.

Филмот кој ги предизвика протестите е дело на 56- годишен американски државјанин со еврејско потекло, Сем Бациле. Во филмот пророкот Мухамед е претставен како неморална личност, која дозволува сексуална злоупотреба на деца. Анти-исламистот Бациле во меѓувреме го напуштил својот дом и се крие на непозната локација. Во изјава за агенцијата Асошиејтед Прес тој вели дека исламот е болест, а со неговиот филм сакал да испрати политички став.

На нападот во Либија, вчера му претходеа и протести во Египет од истата причина. Исламски демонстранти успеаја да влезат во американската амбасада во Каиро, каде го симнаа и го запалија американското знаме, а на негово место поставија исламски симбол.

Libyen Bengasi Anschlag auf US-Konsulat
Американскиот конзулат во БенгазиФотографија: Reuters

На ѕидот на амбасадата со спреј била испишана паролата: „Ако вашата слобода на говорот нема граници, тогаш прифатете ја нашата слобода на дејствие“.

Голем број демонстранти и во текот на ноќта останале пред ѕидовите на амбасадата, но обезбедувањето на објектот во меѓувреме е драстично зголемено.

Инцидентите станаа тема и во американската предизборна кампања, откако кандидатот на републиканците Мит Ромни го нападна претседателот Барак Обама дека наместо да го осуди инцидентот и да ги гони сторителите, тој изразил симпатии со напаѓачите. Од Белата куќа изразија шокираност поради тоа што Ромни се одлучил да ја злоупотреби трагедијата за политички напади.