1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

190510 Zivilehe Libanon

22 мај 2010

Во Либан не е признат цивилен брак, односно склучување брачна заедница на припадници на различна религија. Затоа паровите со различна вера склучуваат брак во странство.

https://p.dw.com/p/NU9F
Фотографија: bilderbox/DW

Во традиционалниот арапски свадбен фолклор во Либан можат да уживаат само сопружниците од иста вера или верска определба: сунити со сунити, шиити со шиити или христијани со христијани. Бракови со партнери кои припаѓаат на друга од вкупно 18 конфесииво земјата, за мнозинството семејства се незамисливи и срамни.

„Мојот прв проблем беше семејството кое не признаваше мешовит брак“, раскажува Али Калифе додека седи во модерен бар во центарот на Бејрут. Овој бар меѓутоа не е огледало на либанското општество. Али предава математика и граѓанско право, не е религиозен муслиман и веќе половина година е венчан со Либанка-сунитка. Меѓу двата правца во исламот меѓутоа постои толкав јаз, колку што е оној меѓу муслиманите и христијаните. Тоа нему и на неговата сопруга му задало бројни проблеми, зашто немале поддршка од семејствата.

Патување во странство заради склучување брак

Во Либан не постојат цивилни бракови кои се склучуваат во општинската матична служба. Браковите, разводите и наследството ги регулираат исклучиво религиозните судови. Во многу случаи, ако се работи за сопружници од различна религија, се очекува едниот да ја прифати и да премине во верата на другиот, или се бара некое друго, либанско решение.

Urlaub im Libanon
Либанците бараат промена на законите за бракФотографија: Birgit Kaspar

„Либанците кои не можат или не сакаат да склопат брак на таков начи, одат најчесто на Кипар или Грција“, објаснува Мишелин Куру од едно туристичко биро.

Агенциите нудат патувања заради склучување брак и во Турција, Украина, Русија или други земји.

„Нудиме брачни патувања со сите неопходни документи, вклучувајќи авионски лет и сместување во хотел. Можни се и специјални желби, фризерски услуги, цвеќе. Значи, комплетен сервис“, објаснува службеничката на една туристичка агенција.

На Кипар, оддалечен само половина час авионски лет од Бејрут, службениците и матичарите се навикнати на овој вид туризам. Овде не доаѓаат само Либанци туку и парови од Израел, кој со Либан официјално е во војна.

Бракот од странство се признава во Либан

Кога еден пар ќе склучи брак на Кипар, тогаш тој без проблеми се признава во матичната земја. Али Калифе истакнува:

„За бракот склучен на Кипар, амбасадата испраќа потврда до министерството за надворешни работи, кое пак документот го препраќа до министерството за внатрешни работи, кое пак го официјализира бракот.“

Beirut Flash-Galerie
Бејрут: строги правила за склучување бракФотографија: DW

Бројни Либанци оваа скапа и малку романтична форма на склопување брак ја сметаат за шиканирање и парадокс. Многумина, заедно со фактот дека семејствата не ги поддржуваат, тешко го поднесуваат тоа, па самоубиствата во оваа земја не се ретка појава.

Поборниците на човековите права веќе одамна водат организирани кампањи за промена на законите, вклучувајќи и демонстрации и протести пред парламентот. Пред пратениците до крајот на годината ќе биде претставен нов предлог-закон, кој нема да ги дискриминира и ќе овозможи без проблеми склучување цивилен брак меѓу припадниците од различни религии.

Автор: Улрих Лајдхолд/ Жана Ацеска

Редактор: Борис Георгиевски