Во затвор кај талибанците
21 декември 2009Логорот се наоѓа во североисточниот дел на Авганистан, во релативно безбедната провинција Бадгис. Веќе на крајот на ноември Меѓународниот комитет на Црвениот крст таму можеше да посети тројца затвореници на талибанците, известува портпаролката на организацијата, Карла Хадад:
„Ова е голем пробив, зашто веќе посетивме затвореници на меѓународните заштитни сили, како и на авганистанските безбедносни сили, но ова е првпат Црвениот крст да добие дозвола да влезе и да ги оцени условите во затворите на талибанците, а на талибанците да им даде сугестии.“
Обврска за неутралност
Меѓународниот црвен крст со години преговарал со талибанците, како што известува швајцарскиот дневен весник Ле Темп. Тоа што организацијата одржувала контакти со бунтовничките групи не е ни малку невообичаено. Црвениот крст на пример одржува контакти со бунтовниците на ФАРК во Колумбија, во вооружените конфликти тој е обврзан на неутралност и не дава политички изјави. Само така организацијата е во можност да добие пристап до затворениците од сите конфликтни страни.
Црвениот крст секогаш се труди со затворениците да разговара приватно и индивидуално. Понекогаш се потребни повеќе посети за да се стекне сеопфатен увид за состојбата во некој затвор.
Без јавни коментари на виденото
За тоа што соработниците на хуманитарната организација го виделе на лице место, не даваат изјави и се придржуваат на обврската за молчење. Само така Црвениот крст може да си овозможи дозвола за повторна посета на затворениците, таков е случајот и со затворениците на талибанците, вели Карла Хадад:
„Условите кои владеат во затворите нема јавно да ги коментирам, она што можам да кажам е дека ние ги проценивме и интервениравме кај талибанците, дадовме препораки.“
Во инспекциите на затворите, како сега во Авганистан, учествуваат по правило само меѓународните соработници на Црвениот крст. Во нив постои поголема доверба отколку во локалните соработници на организацијата во поглед на објективноста на проценката на состојбата во еден логор. За Меѓународниот црвен крст посетата на тројцата затвореници на талибанците е само почеток, постои надеж наскоро да се добие дозвола за посета на поголем број затвореници.
Автор: Паскал Лехлер/ Жана Ацеска
Редактор: Александра Трајковска