1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во ЕУ постои волја да и’ се додели датум на Македонија

Тони Гламчевски13 април 2013

Европратениците според, последните најави, наместо на 18 април за резолуцијата напредокот на Македонија во 2012, предложена од известувачот на ЕП, Ричард Хауит ќе гласаат во мај.

https://p.dw.com/p/18FH8
Фотографија: picture-alliance/dpa

Европратениците од Комисијата за надворешни работи на ЕП, минатата недела со големо мнозинство ја поддржаа резолуцијата за напредокот на Македонија во 2012 година. Предложена од британскиот европратеник Ричард Хауит, тој притоа не го крие задоволството што беше дел од „составот“ кој помогна да се договори решение за крај на политичјата криза во Македонија, поради која беше одложено гласањето на резолуцијата.

Европскиот парламент се очекува на пленарната сесија во мај да гласа за резолуцијата на Хауит, иако претходно беше најавено дека ќе се гласа на 18 април во Стразбур, откако на 16 април еврокомесарот за проширување Штефан Филе ќе го претстави Специјалниот извештај за Македонија.

На прашањето упатено до известувачот, дали тој се надева дека Советот на ЕУ ќе ја следи препораката за почеток на преговорите со Македонија, што повторно ја даде Комисијата за надворешни работи на ЕП. Хауит вели дека „по четири години давање на препораки за почеток на преговорите од ЕК, веќе е време преговорите да се отворат, бидејќи станува збор за земја што е на стартната патека за почеток на преговорите одамна“.

Richard Howitt
Ричард ХауитФотографија: Getty Images

Решението на проблемот со името ќе го деблокира процесот

Словенечкиот европратеник од редовите на Народните партии Алојз Петерле за ДВ оценува дека во ЕП и во ЕУ постои волја за на Македонија да и се додели датум за преговори во текот на оваа година.

„Досега никогаш не сум видел толку многу волја во таа насока. Се надевам дека ќе дојде до решение или отворање на процесот. Мислам дека оваа блокада им штети на сите, не само на Македонија, туку и на целиот регион, па и на ЕУ. Јас посакувам клучните актери во оваа работа го направат она што луѓето го очекуваат, не само во Македонија. Колегата Ховит сака да дојде до напредок, до деблокада. И се разбира ова прашање треба да најде сила преку билатерланите разговори. Има многу луѓе кои би сакале да помогнат за ова.

Но пред се’ Македонија и Грција треба да пронајдат и прифатат решение. Кога ќе дојде до ова, мислам дека тогаш навистина работите ќе тргнат, иако ние знаеме дека, јас од моето лично искуство, преговорите можат да траат долго. Се не е сложено, би рекол, но некои работи се сложени. Но кога ќе започнат, тогаш психологијата ќе биде поинаква.“

Воздржување од провокации

Британскиот европратеник Греам Вотсон од редовите на либералите и демократите за ДВ објаснува дека постои голем притисок за да се деблокира процесот околу евроинтеграциите на Македонија, но тој бара Македонија да се воздржи од провокации кон соседите.

„Убеден сум дека другите европски земји ќе направат обиди за да ја убедат Грција да ја прифати Македонија, ако Македонија се покаже како земја со европски дух и дух на модернизацијата. Самата Грција се соочи со многу проблеми последниве години таа ја нема истата тежина, што ја имаше во Европа. Ние ја спасивме Грција и Македонија можеби може да ја експлоатира таа ситуација.“

ЕУ може да помогне во надминувањето на проблемите во Македонија

Британскиот европратеник мисли дека политичката криза која се случи во Македонија може да влијае врз евроинтегративните процеси, но тој е оптимист.

„Не гледам за Македонија една невозможна ситуација, гледам само серија на тешкотии кои треба да се надминат со помош на ЕУ. Исто така и во развојот на односите и преговорите меѓу Македонија и Грција, кои ќе ја постават идната соработка врз постабилна основа. Може многу да се направи и се надевам дека политичката класа на Македонија ќе ги реши секојдневните проблеми и ќе пронајде подостојна амбиција во согласност со минатото на земјата.“

Graham Watson Präsident der eldr-Gruppe im EP
Европратеникот Греам ВотсонФотографија: presse

Проблемите во новите земји членки влијаат врз идното проширување

Ватсон е на мислење смета дека проблемите забележани во новите земји членки на ЕУ, како Бугарија, Романија и Унгарија ќе влијаат врз понатамошниот тек на процесот на проширувањето на ЕУ.

„Но исто така сум убеден дека во рамките на Унијата се’ уште постои мнозинство за да и се дозволи на секоја земја која сака да стане членка на Унијата и која се наоѓа во Европа, да стане нејзина членка.“

За земјите кандидати од Балканот, британскиот европратеник вели дека проблемите се познати, но тие можат да се надминат.

„Знаеме дека има етнички тензии, кои не се целосно решени. Знаеме дека имаме потреба од значајни правосудни реформи. Реформа на системот на владеење, транспарентност за да се совлада корупцијата, која се’ уште е присутна во рамките на владите и во деловните кругови. Ако земјите се подготвени, ако има доволно силен притисок на народите од овие земји врз нивните влади за да се направат овие реформи, тие ќе станат членки на ЕУ“ , завршува Вотсон.