1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во доларски износ водат демократите

17 јули 2007

Во Соединетите Американски Држави се појавија важните квартални бројки кои покажуваат: демократите имаат јасна предност пред републиканците, барем што се однесува до собирањето донации за претседателските избори.

https://p.dw.com/p/BJ8e
Клинтон и Обама со најдобри изгледи меѓу демократитеФотографија: AP

Тоа не е без начење ако се знае дека во САД износот на донациите се смета за мерило за силата на еден кандидат.

Кога на 5 ноември идната година ќе биде избран новиот американски претседател, или претседателка, сите кандидати заедно ќе постигнат нов рекорд: ќе потрошат повеќе од милијарда долари. Пред се за рекламни спотови, маички, плакати и друг рекламен материјал, секако и за армијата соработници кои со месеци се грижат за тоа изборната каса да биде полна. А, ќе биде пред се ако кандидатот има добри изгледи за успех. Од објавените биланси за донациите за вториот квартал од годинава, се гледа кому му оди добро, а кому не. Според тие бројки, демократите со 80 милиони долари се пред републиканците со 50 милиони. Кај демократите пак, фаворизираната Хилари Клинтон со 27 милиони долари е се уште втора, зад Барак Обама кој собра преку 32 милиона:

„Ова е одлично: донираа 250 илјади луѓе, а ни велеа дека е грешка да се има доверба во американскиот народ. Меѓутоа, тие 250 илјади луѓе сакаат нов здравствен систем, а најмалку толку сакаат и завршување на војната во Ирак„.

Тоа го сака и Хилари Клинтон, но и уште повеќе. Таа, како и сите кандидати, мора да се брани во изборните настапи од нападите дека милионските суми за влез во Белата куќа се чисто расипништво:

„Јас сум за државно финансирање на изборната битка и радо би го стопирала актуелниот систем. Освен тоа, би го ограничила времетраењето на изборите, ако е можно„.

Тоа би било можно, но би требало да го сакаат сите кандидати. Освен тоа, за републиканците откажување од донациите не доаѓа предвид, зашто ним веќе сега им недостигаат средства. Државното финансирање на изборната битка пак, би значело уште помалку пари, додека покусата изборна кампања - уште помалку шанси да се стигнат Обама и Клинтон:

„За првпат по повеќе години републикнаците немаат вистински кандидат. Градоначалникот на Њујорк Руди Џулијани има слаби точки, подеднакво како и екс-гувернерот на Масачусестс, Мит Ромни. Фред Томсон официјално се уште не е во трката, а сенатарот Џон Меккејн е кандидат со најмалку изгледи за победа„.

Ова го вели Марк Халперин од неделникот „Тајм„. Но, од каде го знае тоа? Објаснението е видливо: Меккејн собра 11 милиони, Ромни 14 и Џулијани 17. Тоа е само половината од сумата на Обама. Меѓутоа, тоа може да е само моментална слабост на републиканците, вели искусната Хилари Клинтон. Таа смета дека пријателите на бушовата партија со тешки милиони ќе влезат во кампањата однадвор и ќе ги нападнат неа или Обама како што го направија тоа претходно кон Џон Кери, демократскиот противкандидат на Џорџ Буш:

„Тие тоа го можат зашто се многу силни и тврдокорни. Само од тие причини не би ја напуштила милионската игра, зашто моја намера е сите да ги победам„.