Во Давос на колективна психотерапија
2 февруари 2009Оној кој очекуваше конкретни решенија и мерки за надминување на светската економска криза, тој ќе ја оцени мамутската средба со 2.500 учесници како неуспешна. Политичката и економска елита на светот не најде заедничко решение за проблемите. Иако мора да се признае дека имаше многу различни идеи и предлози. Така, германската канцеларка Ангела Меркел се заложи за создавање меѓународна контролна институција, која, слично како Советот за безбедност, би била тело на ООН. Светски познатите економски експерти Нуриел Рубини и Насим Талеб, кои даваа многу песимистички, но за жал точни прогнози за кризата, побараа комплетно подржавување на големите банки. А британскиот премиер Гордон Браун предложи да зајакне позицијата на Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд.
Она што недостасуваше, беше конкретна разработка на овие идеи и изнаоѓањето начини за нивна примена во практиката. Но, со оглед на големите разлики во предлозите и нивната делумна противречност, не е ни чудо што никој не отиде толку далеку во барањето конкретни решенија за проблемот.
И покрај тоа успешен
Светскиот економски форум во Давос може сепак да се смета за успех. Изминатите неколку дена политичарите и менаџерите можеа да разговараат отворено и неофицијално за размерите на кризата, се обидуваа да ги разберат причините и да ги согледаат последиците. Оној кој виде колкава несигурност владее во редовите на светската политичка и економска елита, секако ќе свати дека времето не било зрело за барање конкретни решенија. Ова беше време за отрезнување, за систематска анализа, за заемно тешење! Така годинава Давос се претвори во глобален психо-терапевт.
Нов полет по терапијата
Тоа секако не им го олеснува страдањето на милиони луѓе ширум светот, кои во екот на кризата ги губат работните места или сносат други тешки последици од неа. Но, секој кој малку се разбира од психологија знае дека без анализа и прифаќање на кризата, не може да се отвори патот кон нов почеток. Така, доколку барем овој дел од минувањето низ кризата бил квалитетно завршен во Давос, тогаш Светскиот економски форум може да се оквалификува како успех. Почетокот на излегувањето од кризата тогаш би требало да се случи најдоцна на следниот самит на Групата Г 20, закажан за април во Лондон.